Македонските државјани имаат голем интерес за вакцинирање во Србија и досега 73 граѓани од Северна Македонија, кои имаат и српско државјанство, се вакцинирани со кинеската вакцина на „Синофарм“ на пунктот во Врање и Бујановац, а можност за вакцинирање имаат и оние кои немаат српско државјанство, јави дописникот на МИА од Белград.
Порталот Е-управа овозможува апликација за вакцинација на странски државјани кои немаат регистриран престој во Србија. Доволно е да имаат српски мобилен број, што досега го искористија многу државјани на Северна Македонија, за да можат да добијат смс потврда за датумот и местото на вакцинација, кој е бесплатна.
-Кога „ќе добијат српски телефонски број“, тие се регистрираат на порталот за е-Управа, каде што е можно да се вакцинираат и странци кои не живеат во Србија. Сè што треба да направите е да го внесете бројот на македонскиот или кој било друг важечки пасош. Оние кои биле вакцинирани велат дека никој во здравствените центри во Србија не ги прашал ништо или не ги проверил, а постапката траела само неколку минути, наведува БИРН.
До денес во Врање се имаат вакцинирано околу 70 Македонци со двојно државјанство, објави РТС, а според Бујановачке новини само вчера во Бујановац се вакцинирале тројца македонски државјани.
-Бидејќи не можев да ја примам вакцината во Скопје, вакцината не дојде во Македонија и бидејќи сум двоен државјанин и на Македонија и на Србија, поднесов барање до Е-Управата за примање на вакцината. Тие ми излегоа во пресрет и ми го испратија датумот на примање на вакцината, изјави за РТС Зоран Симоновски од Скопје.
Јадранка Ајановиќ, директор на ДЗ во Врање, посочи дека за вакцинирање на странските државјание потребно е да бидат соодветно електронски пријавени преку Е-Управата, како што е протоколот за сите граѓани од Република Србија.
-Што се однесува до странските државјани, тие мора да имаат потребна документација, лична карта, односно пасош, изјави Ајановиќ.
Граѓаните на Северна Македонија аплицираат најмногу за вакцинација на места поблиску до границата – Ниш, Врање и Бујановац
Според Бујановачки новини три лица од Северна Македонија кои имаа двојно државјанство вчера беа вакцинирани во Бујановац. Во локалниот здравствен центар добиле упатства дека можат да се вакцинираат само оние кои аплицираат преку веб-страницата на Е-управа, додека постапката за лицата со македонско и српско државјанство е полесна.
Поради близината на границата, повеќето од вакцинираните се од Куманово. Малкумина се подготвени да разговараат со медиумите, но многумина потврдуваат дека дури и медицинскиот персонал во болницата оди на вакцинација.
– И јас бев вакцинирана со кинеска вакцина, само ве молам не објавувајте ги моите податоци, се плашам дека може да ме отпуштат, изјави медицинската сестра од кумановскиот здравствен дом, за весникот.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, изјави денес дека во Србија можат да се вакцинираат странските државјани кои имаат престој во Србија.
На прашањето дали странските државјани можат да се вакцинираат во Србија и каква е постапката, Ѓерлек изјави дека сите странски државјани кои имаат престој во Србија, како и државјаните на Србија, можат да се пријават преку е-управа.
-Тие ќе бидат повикани, според местото на престој за да се вакцинираат во најблискиот центар за вакцинација,кажа Ѓерлек по состанокот на министерот за здравство Златибор Лончар со директорите на Ковид болниците.
Од владината Канцеларија за ИТ наведуваат дека странските државјани можат да се вакцинираат во Србија, но дека прво мора да се регистрираат на порталот на Е-Управа. Тие ќе бидат повикани на вакцинација според планот презентиран од институтот Батут.
На порталот Е-Управа постои можност да аплицираат странски државјани со и без престој во Србија.
До денеска во Србија се имаат вакцинирано 495.964 граѓани.