Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска ќе учествува на форумот ЦЕПС Идеас Лаб 2018, во Брисел организиран од страна на Центарот за европски политички студии.
Како што соопшти МНР, предвидено е Димитров да има свое излагање на две сесии на настанот: „Копенхашката дилема на ЕУ: Зачувување на владеењето на правото пред и по пристапувањето?” и „Западен Балкан: црна дупка во Европа?”
Ова е еден од главните годишни настани на ЦЕПС, кој што ги собира највисоките европски лидери и креатори на политики да дискутираат за теми и прашања важни за сегашните и идните политики на Европската унија.
Годинашната дебата насловена „Европа – повторно на вистинската патека”, ќе биде отворена од претседателот на Комисијата Жан-Клод Јункер, следена од низа дискусии на истакнати европратеници и национални креатори на политики и заедничко завршно излагање на министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс и Лилјана Павлова, бугарскиот министер за претседателство со ЕУ, наведуваат од МНР.