Османи и Димитров на средба со Ленарчич: ЕУ што поскоро да обезбеди вакцини за регионот

ЕУ што е можно поскоро да обезбеди вакцини за регионот за кои веќе се издвоени 70 милиони евра, истакнаа вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната средба со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич во Брисел.

На средбата што се одржа во Европската комисија, беше констатирано дека поскорото обезбедување вакцини е во согласност со изјавата на лидерите на ЕУ самитот одржан на 21 јануари 2021 година со која тие, како што стои во владиното соопштение, ја реафирмираа солидарноста и презедоа обврска да обезбедат ефективна поддршка за регионот што е можно побрзо.

Комесарот Ленарчич изрази силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и подготвеност за континуирана поддршка од неговиот тим во областите од неговата надлежност.

Димитров и Османи изразија благодарност за помошта обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ кој беше активиран набрзо по прогласувањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Во тој контекст, тие ја истакнаа солидарноста како клучен фактор во справувањето со здравствената, но и социоекономската криза, имајќи предвид дека ЕУ механизмите што претходно беа на располагање исклучиво на земјите членки на Унијата, станаа достапни и за земјите од Западниот Балкан.

Вицепремиерот и шефот на дипломатијата го информираа еврокомесарот Ленарчич за состојбите во Северна Македонија во однос на кризата, разговараа за редовното споделување на епидемиолошките податоци со Европскиот центар за координација на итни случаи, за што беа поздравени и здравствени власти на Северна Македонија, а беше посочено и редовното учество на Дирекцијата за заштита и спасување во координативните состаноци организирани од Европската комисија, по чии препораки и постапуваат.

Во однос на досегашните донации од земјите членки, токму преку ЕУ механизмот за цивилна заштита што е под директна надлежност на еврокомесарот Ленарчич, беше обезбедена заштитна и медицинска опрема за Северна Македонија и тоа од Чешка, Австрија, Словачка, Естонија, Романија и Германија, додека пак Шведска испрати медицински работници за да му помогнат на персоналот на Клиниката за инфективни болести во Скопје, во борбата против КОВИД-19.

Димитров и Османи ја продолжуваат работната посета на Брисел со средба со министерот за надворешни работи на Шведска, Ан Линде и министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто, а на маргините на денешниот Совет за надворешни работи вечерва ќе остварат и билатерална средба со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја претседавач со Советот на ЕУ.