Нова едукациска алатка „Аферата Мис Стон“ промовираше денеска Музејот на македонската борба. Ја изработија студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ со поддшка на Британскиот совет, а под менторство на проф. Бобан Јоксимоски.
Станува збор за интерактивна 3Д веб-сцена наменета за учениците од основното и средното образование и за сите кои сакаат да научат повеќе за овој настан од македонската историја. Алатката може да се користи како ИКТ-метод во наставниот процес и беше промовирана пред наставници од основните и средните училишта од Скопје.
Директорот на Музејот на македонската борба, Бранислав Светозаревиќ истакна дека со алатката наставниците по историја, македонски јазик и други предмети ќе можат во вид на видео игра да симулираат настани од историското минато.
– Овој пат земен е примерот со аферата Мис Стон која е позната на јавноста и сметаме дека ќе биде многу атрактивна и методологијата ќе предизвика голем интерес кај учениците. Има одѕив на дури 194 наставници само од Скопје. Очекувавме 20 до 30 наставници, но ова покажува само каков интерес има за ваков вид настава и не радува што тука се наставниците од македонска и од албанска настава и тоа покажува дека сме во вистинска насока, истакна Светозаревиќ.
Посочи дека со оглед на тоа дека се пријавиле 194 наставници од Скопје ќе им излезат во пресрет на сите.
– Можеме од 20 до 30 наставници во еден ден да обучиме, но во текот на годината ќе направиме уште неколку обуки и сме отворени за натамошна соработка и со наставници од другите градови, додаде Светозаревиќ.
Проектот го претставија студенти од трета и четврта година на ФИНКИ, меѓу кои и Антонио Димовски, кој рече дека идејата била да се направи околина во која студентите и заинтересираните за оваа тема ќе може да пробаат интерактивно да учат некој одреден тип историја.
– Во нашиот проект гледавме да ги опишеме искуствата на Мис Стон со целосна анимација каде тие што го прават ова може да се шетаат низ самата сцена и да имаат интеракција со објектите на сцената. Ни требаа околу два месеци да го изработиме овој проект со неколку часа работење речиси секој ден. Сакавме да го посветиме нашиот прв проект на Мис Стон, бидејќи сметаме дека историски таа е многу важна личност која има голем импакт на македонската историја. Целото искуство беше многу пријатно, додаде Димовски.