Премиерот Заев оцени дека Владата следејќи ја состојбата во што најмногу се вложува во светот, се посветува на проектите од областа на енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии, кои обезбедуваат економски напредок.
– На местото на стариот рудник во РЕК „Осломеј“ сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 мегавати. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра. Термоцентралата ТЕЦ „Неготино“ ќе се трансформира во гасна централа преку јавно – приватно партнерство или ќе се продаде. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови 100 мегавати зелена енергија“, вели премиерот Заев додавајќи дека се обезбедени и грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 мегавати во РЕК Битола и дека во првиот квартал од оваа година ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 мегавати фотонапонски електрани и инвестицијата е над 35 милиони евра.
Заев во интервјуто се осврнува и на почетокот на изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13,8 мегавати, која ќе започне годинава. Инвестицијата е вредна 21 милион евра.
Нагласувајќи дека минатата, 2020 година, капиталните расходи имаат 80 проценти од планираната реализација на капитални инвестиции и е подобра во однос на 2019 година кога беа реализирани 77,6 проценти од планираните капитални расходи, премиерот Заев посочува дека во Буџетот за годинава, капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20 проценти повисоко во однос на планот за лани.
– Клучен капитален проект е Коридорот 8, главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското Море. Дополнително се градат и рехабилитираат магистрални и регионални патишта на територијата на целата држава, оцени Заев додавајќи дека во периодот до 2025 година се планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,2 милијарди евра.
Во однос на најавата за планиран економски раст во идниот период, Заев вели дека покрај во инфраструктурата значително се инвестира и во човечкиот потенцијал и затоа Буџетот за 2021 е значаен придонес кон Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст, кој се состои од четири столба: економско заздравување од Ковид-19, второ – забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, трето зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, и четврто – развој на човечките ресурси и еднакви можности, преку кои ќе се обезбеди макроекономска стабилност и финансиска одржливост, заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст.