Мицковски: Владата да го покаже документот за кој преговара со Бугарија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски ја повика Владата да го покаже документот од, како што рече, „12 точки“ за кој преговара со соседна Бугарија.

На денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, Мицковски ги повика премиерот и надлежните министри да се охрабрат и да присуствуваат на дебатата во Парламентот што ја организира опозицијата.

– Ги повикувам на разум. Веднаш да излезат со документот, да се охрабрат и да се појават на дебатата во Парламентот што ја организира пратеникот Антионио Милошоски. Да дискустираат пред пратениците и македонската јавност, доколку нема што да кријат, рече Мицковски.

Тој останува на ставот дека со Бугарија се разговара за македонскиот идентитет.

– Факт е дека се распродава македонскиот идентитет. Ние тоа го зборуваме уште од октомври, дека на маса се услови кои немаат никаква врска со претходно потпишаниот Договор за пријателство. Тоа се услови кои директно претставуваат негирање на македонскиот идентитет. Секој политичакр кој вика дека не се дискутира, лаже и манипулира со јавноста. На маса покрај бизнисот, е и македонскиот идентитет, рече Мицковски.

Во однос на најавената интерпелација за вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров, лидерот на опозицијата очекува дебатата да почне следната или неделата потоа.

– Интерпелацијата е потпишана и стигната во Парламентот. Врз основа на информациите што од вчера ги имам од пратеничката група веќе следната или неделата потоа, таа ќе биде на дневен ред во Парламентот, соопшти Мицковски.