Бучковски во Софија, да се искористат сите можности за изнаоѓање решение за разликите

Специјалниот претставник за дијалогот со Бугарија Владо Бучковски, денеска е во посета на Софија, каде што е планирано да оствари средба со претставниците на Република Бугарија на повеќе нивоа, соопшти МНР.

Министерството за надворешни работи и Владата на Северна Македонија остануваат на позицијата дека треба да се искористат сите можности за изнаоѓање соодветно, взаемно решение за билатералните разлики по различни прашања со соседна Бугарија, како и за враќање на довербата во ефикасноста и успешноста на Договорот за пријателство од 2017 година, стои во соопштението.

При крајот на годината, потсетува Министерството, е доставен Акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што во разговор меѓу министрите за надворешни работи Бујар Османи и Екатерина Захариева беше договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози.

-Во оваа насока во претстојниот период ќе имаме конструктивен придонес преку нашиот специјален претставник, а истото го очекуваме и од бугарска страна, како можен единствен како единствен можен начин до изнаоѓање решение, наведува Министерството во соопштение.

Како што претходно објавија бугарските медиуми, посетата на Бучковски на Софија ќе трае неколку дена. Бучковски беше во посета на Софија на почетокот на декември. Тогаш тој имаше средби со Захариева, премиерот Бојко Борисов и со министерот за одбрана Красимир Каракачанов.

Османи вчера во интеврвју за Радио Слободна Европа порача дека не можеме да ги гледаме соседите со истите очила од минатото и додаде дека единственото решение и формула за Бугарија е да се вратиме на начелото на Договорот, но и да се најдат механизми како да се направи побрз, подинамичен за да се создадат резултати.

Според него, спорни се разликите во очекувањата за брзината на имплементацијата, за динамиката, за целта на имплементацијата на Договорот.