Патријарх Вартоломеј: Неприфатливо е да се негира стварноста на пандемијата на Ковид-19

Пандемијата го промени социјалниот живот, нашето секојдневие, нашето учество во животот на Црквата и целиот овој период нѐ трогнуваат страдањата на безброј ближни луѓе и ни остава впечаток самопожртвуваноста на лекарите и болничарите, па затоа е неприфатливо, наспроти толку жртви и толкава болка, да постојат луѓе кои ја негираат стварноста на пандемијата, сметајќи дека таа е творба на некакви кругови, вели вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервју за атинскиот весник „То Вима“.

– Уште повеќе провокативно е кога таквите ставови се изразуваат од страна на христијани, често и од клирици. Тие не се грижат за заштитата на ближниот човек. Отфрлањето на маската и на сите мерки за заштита не доаѓа едноставно од незнање, туку од умртвување на љубовта внатре во нив. Кога науката отвора благопријатни перспективи за иднината на човештвото, таа претставува дар од небото. Нормално е дека не е засегната нашата вера тогаш кога ги следиме упатствата на стручните. Ниту ограничувањето на учеството во богослужбите го намалува значењето на храмот и на она што во него се извршува за животот на верниците. Заштитните мерки не се насочени против Црквата. Тие ги заштитуваат верниците, кои, како и сите други, еднакво се изложени на вирусот, нагласува патријархот.

Тој потенцира дека ќе се вакцинира против коронавирусот, бидејќи како што вели тоа му го налага и неговата возраст.

– Припаѓам на возрасната група што треба да се вакцинира. Но, не е само прашање на потреба или избор, туку и одговорност кон ближниот човек. Затоа се надевам дека наскоро ќе се вакцинира најголемиот дел од светското население, за да запре ширењето на убиствениот вирус. Секако, дотогаш сите сме должни со точност да ги пазиме заштитните мерки, како не би оплакувале повеќе жртви, потенцира Вартоломеј.

Поглаварот на Вселенската патријаршија во интервјуто се осврнува и на доделувањето на томосот за автокефалија на Црквата во Украина и неговите односи со Руската православна црква.

– Украинската автокефалија беше акт на одговорноста на Мајката Црква наспроти милиони наши православни браќа и сестри што се наоѓаа, без нивна вина, надвор од Црквата. И секако не беше, како што навредливо ѝ припишува руската пропаганда, одработување за политички цели или геополитички интереси, вели патријархот.

Тој потенцира дека во однос на украинското прашање постапил исто како и во останатите случаи на доделување на автокефалија и го следел вековно востановената црковна пракса на Православието.

– Пред да ѝ додели автокефалија на Украина, Константинопол им имаше доделено автокефалија на девет други помесни цркви. Денес, секако, некои го негираат овој непобитен факт од лични причини. Сите кои ги негираат правата и одговорностите на Вселенската Патријаршија, во суштина ги негираат и сопственото постоење и идентитет, самиот збир на Православието, додава патријархот.

Тој потсетува дека Руската православна црква има „различен поглед по однос на украинското прашање“, но потенцира дека прекинот на односите на Московската патријаршија со Вселенската и со другите православни цркви кои ја признаа автокефалноста на Црквата во Украина не претставува раскол во Православието.

– По наша проценка, тоа беше погрешен чекор на сестринската Црква во Русија. Така што, повторувам, раскол во Православието не постои. Постоеше еден проблем. Цели три децении Москва демонстративно се правеше слепа за трагичната состојба во Украина. Во суштина таа го спречуваше изнаоѓањето решение за да не ѝ избега од контрола Киев, кого го имаше отцепено од Црквата на Константинопол, искористувајќи ги условите и состојбите на тогашното време. Доделувањето на автокефален статус на Црквата во Украина од страна на Вселенската Патријаршија, значи, беше не само еклисиолошки и канонски точно, туку и единствено реалистично справување со проблемот, изјавува Вартоломеј.

Тој потенцира дека не е потребвно никакво чекање или оджување сеправославни собири, туку сите православни цркви треба да ја признаат украинската автокефалност.

– Значи, да зборуваме отворено. Во стварност, проблемот не е украинската автокефалија, ниту наводните непостоечки или невалидни хиротонии во украинската јерархија, на кои некои се повикуваат тенденциозно. Целта е да му се одземат овие уникатни одговорности на Константинополскиот трон и да преминат во други раце. Така, разбирате дека од мојата положба јас не можам, од една страна, да ги отфрлам моите одговорности, кои ги имам наследено, преку актите на Црквата, од моите претходници и, од друга страна, бидејќи и тоа е моја одговорност, да го дозволам ова духовно свлечиште на оние кои флертуваат со федерализацијата на Православната Црква, според протестантски терк, наведува патријархот Вартоломеј во инетрвјуто за „То Вима“.