Стратегија соодветна како да се пристапи, адаптирање на активностите во понатамошните разговори и комуникација за надминување на разликите во разговорите со соседна Софија, е приоритет на владиниот тим за евроинтеграции, предводен од премиерот Зоран Заев, на првиот работен ден од 2021 година.
На координативен состанок, вчера сите овие прашања беа на дневниот ред за да не се изгуби ниту ден за решавање на отворените прашања со Бугарија во време на претседателството на Португалија со ЕУ, но и затоа што целата наша динамика и календар беше подготвен за успешен завршеток во време на германското претседателство.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи има големи очекувања и од португалското претседавање со Советот на ЕУ кога е во прашање усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија. Во првичните контакти што ги имале со португалското претседателство, била искажана сериозна намера да се продолжи процесот за проширување што остана од германското претседавање со Унијата.
Засега, информира тој, не е договорена средба со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева во контекст на разговорите за надминување на проблемите. Сепак, Османи смета дека средба би требало да има по повод потребата за одржување на првата меѓувладина конференција што треба да се закаже во првите месеци од годината, и по повод поканата за трилареталната иницијатива.
Подготвени сме да почнеме уште од денеска со комуникација, изјави вчера Османи, додавајќи оти е важно да не се изгуби ниту еден ден за да се фатат наредните рокови за самитите кои доаѓаат за преговори со ЕУ.
-Немаме никаква резерва во однос на тоа прашање, нашите ставови се јасни, има разработени бројни предлози во изминатиот период. Дел од нив се комуницирани со Бугарија и очекувам тие да бидат основа за натамшно продолжување на разговорите. Точно е дека последниот предлог беше од наша страна на кој се уште не сме добиле одговор. Се додека нема иницијални сигнали дека тие предлози од било која страна можат да бидат прифатливи за двете страни и можат да станат основа за договор не би можел да навлезам во детали бидејќи се во фаза на еднострани предлози и идеи, рече министерот за надворешни работи Османи.
Нема оптимизам дека може да се решат отворените прашања со Софија пред парламентарните избори во март во оваа држава. Според премиерот Заев, како изборен период, не е соодветен момент за решавање на политичко чувствителни прашања, но сепак треба да се направат напори одма. Добро е, овој период, до 28 март, смета Заев, да се искористи за спроведување на Акцискиот план и за реализирање на планираните инфраструктурни проекти како преминот Клепало и Коридорот 8.
Можам да ги сфатам стојалиштата, да разговараме дури и за минатото, истакна вчера претседателот на Владата на Сeверна Македонија и уште еднаш повтори дека не може да го сфати проблемот со Бугарија, затоа што, потенцира, политичарите треба да ја отвораат иднината.
– Јас разменив пораки и честитки со сите премиери за да си ја честитаме новата година, секако и со претседателот на Владата на Република Бугарија. Верувам дека добрата соработка и однос, редовната комуникација можат да бидат само предност за изнаоѓање решение на секое прашање пред кое е исправена нашата земја, порача Заев.
– Акцискиот план е доставен до Бугарија, чекаме одговор. Тоа се идеи кои може да се дополнат. Акцискиот план произлегува од Договорот за пријателство и е од наш интерес, а целта е поинтензивна соработка, истакна Заев во гостувањето синоќа во дневникот на телевизија Сител.
Најавените активности на Бучковски, Османи и Димитров, рече Заев, ќе бидат во оваа насока.
Историските прашања, нагласи, треба да и се остават на Комисијата, а идентитетските прашања, потвори уште еднаш, не смее и нема да бидат на масата за преговори. Тоа, рече, го знае и бугарската страна и тука нема дилеми.
Дополни и дека во однос на македонскиот јазик, Бугарија може да го издвои своето мислење додека не ги признае официјално и македонскиот јазик и македонскиот народ, иако секој ден премиерот, претседателот на државата и министерот за надворешни работи зборуваат за македонскиот народ и македонскиот јазик.
Очекувањата на шефот на дипломатијата Османи се Германија да продолжи со својот ангажман и во текот на португалското претседателство.
– Според првите контакти со португалското претседателство, тоа има сериозна намера да се ангажира процесот да се продолжи од таму каде го остави германското претседателство и побрзо да се најде решение за разликите со цел да се одржи првата меѓувладина конференција, односно да се усвои преговарачката рамка, рече Османи вчера на прес-конференција.
Османи најави, а Заев поддржа деновиве да биде испратен дипломат во Португалија, со цел тој да биде во контакт со португалските власти. Истовремено, шефот на дипломатијата најави дека продолжува и комуникацијата со другите земји членки паралелно со комуникацијата со Бугарија.
И министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека разговорите ќе продолжат со оваа и која било друга идна бугарска влада, затоа што тие се наши соседи и мораме преку европска достоинствена политика и дијалог да бараме решение за недоразбирањата.
Повторното одложување на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, вели во интервју за МИА министерот за правда Бојан Маричиќ, е голема грешка.
-Нашата земја направи сè што беше побарано како услов за почеток на преговорите. Многу пати и премиерот Заев кажа дека ние немаме алтернатива на членството во ЕУ, но и дека тоа не може да биде на сметка на нашиот македонски идентитет или македонски јазик, истакнува Маричиќ.
Според него, започнувањето на преговорите значи и динамизирање на реформите во сите области бидејќи поддршката од Европската Унија би била многу поинтензивна.
Во меѓувреме, во анализа Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува дека принципот дека реформите доведуваат до членство во ЕУ повеќе не важи за земјите од Западен Балкан.
Никој не го сфати ова појасно од Република Северна Македонија, која дури и го смени името по барање на Грција за да може да започне преговори со ЕУ. Сепак, грчкото вето беше проследено со француско, потоа бугарско, овој пат заради историјата и јазикот на словенските Македонци. Процесот на проширување е полн со политички стапици кои немаат многу врска со реформските напори на земјите кандидати, се вели во обемната анализа.
Балканот не е изненадување откако францускиот претседател Емануел Макрон во јули 2019 година јасно стави до знаење во Белград дека ЕУ нема да прифати нови членки се додека таа не се реформира.
Во анализата се нагласува дека тоа не е нова приказна – уште во 2005 година, Берлинската фондација за наука и политика (ФНП) во своето издание забележа „растечки замор од проширувањето“ и праша „дали полноправното членство во ЕУ е единствената опција за долгорочна стабилизација“ на земјите од Западен Балкан.
„Ова прашање е порелевантно од кога било“, наведува авторот на анализата Михаел Мартенс.
„Ако членството не е реално, тогаш како ЕУ треба да се однесува кон регионот? Како може да го задржи своето влијание и да им се спротивстави на политичките ривали како Русија, Кина и Турција? Постојат многу идеи, многу од нив не се нови“, праша тој.
Една од нив беше објавена во Њујорк Тајмс во мај 2003 година од тогашните премиери на Србија и Албанија и претседателите на Хрватска и Македонија. Потоа тие побараа земјите од Западен Балкан да имаат пристап до фондовите за кохезија на ЕУ, односно да се третираат финансиски како членки на ЕУ, иако немаат право на глас во Брисел, потсетува весникот.