Бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов упати порака по повод празникот Божик што задутре го слават граѓаните со католичка вероисповед.
– Светиот Престол, на 8 декември 2020 година, го објави Апостолското писмо на папата Франциск „Патрис корде“ по повод 150-годишнината од прогласувањето на Свети Јосиф, свршеникот на Блажена Дева Марија, за заштитник на целата Католичка црква. Папата, со ова писмо, прогласи посебна црковна година, која ќе биде посветена на Свети Јосиф, а ќе трае до 8 декември 2021 година и нè повика нас католичките верници во нашите молитви да прибегнеме кон овој голем светец, молејќи Господ Бог, преку неговото застапништво, да ни даде „благодат над благодатта“ – наше обраќање.
Цела оваа година, чија последна страница наскоро ќе ја затвориме и испратиме во историјата со Божја помош, беше обележана со постојана закана од пандемијата на вирусот КОВИД-19, па затоа Светиот Отец сака да укаже на важноста на обичните луѓе кои секојдневно се издвојуваат во доблеста на трпеливоста и живеењето за другите. Тие влеваат надеж кај луѓето, поттикнуваат одговорност и манифестираат верност далеку од очите на јавноста. Овие луѓе се како Свети Јосиф во нивните животи и дела, човек кој останува незабележан, човек со секојдневно присуство и повлечен во тајност. Такви луѓе се и нашиот медицински персонал, лекари, медицински сестри, болничари, техничари, фармацевти, службеници и хигиеничари во нашите здравствени установи кои скоро цела година го изложуваат својот сопствен живот сѐ до истоштеност на своите сили и се залагаат за нас, нашето здравје и здравјето на целата нација. Со благодарност мислиме на нив и се молиме на Бога за нив. Се молиме за сите болни, како и за семејствата на жртвите на оваа злобна вирусна пандемија, Господ да им даде утеха.
Свети Јосиф сепак одигра важна улога во историјата на спасението. Божјата благодат го избра токму него и му додели посебна улога да дојде нашиот Господ Исус Христос достојно и чесно на светот. Папата Фрањо го опишува Јосиф како татко полн со нежност, послушен татко кој го прифаќа повикот и неговата улога да биде во сенка. Тој е храбар, креативен и одважен маж, кој работи со своите раце за да го издржува светото семејство и да ја изврши својата животна задача што му ја додели Бог, за потоа тивко да се повлече од историјата на спасението.
Градот Витлеем и племето Јудино се местото на потеклото на Јосиф, а тој самиот е со царско потомство од Давидовиот род. Провидноста му додели улога да биде свршеник на Марија, Девицата од Назарет, која преку Светиот Дух, прво со разумна вера, а потоа и по тело, физички го зачна Синот Божји, Исус Христос. Кога ја примил веста за тоа што ѝ се случило на неговата свршеница, најпрво запаѓа во криза на совеста, свесен дека тој нема никаква врска со овој загадочен настан. Во својата праведност тој одлучува да ја раскине свршувачката, но наскоро и тој самиот ја доживува пораката на ангелот, која ја прифаќа против какво било знаење за човечкото искуство: ја зема Марија за жена. Тој во довербра го презема официјалното татковство за Исус. Исто така не е само чувар, ниту хранител, ниту бранител, ниту очув, туку по Божја промисла и заповед татко, но не физички, туку провидно. Така, поинаку отколку што можеше да предвиди, тој станува решителен учесник во нашето спасение.
Животот на Свети Јосиф беше едноставен, но дури и во таа едноставност не му беше ни најмалку пријатен. Отпрвин се нашол во кошмар и го мачи неизвесноста за она што го дознал од Марија, за потоа да го добие ангелското откритие дека Марија зачнала преку Светиот Дух. После тоа Синот Божји, само откровение на
Бога, се раѓа во пештерата. Tој сѐ уште не беше роден, тие веќе работеа на неговата глава. Самиот цар на Јудеја ја сака неговата смрт. За да го спаси детето, тој, како глава на семејството, треба да замине на тешко бегалско патување и да побара азил во туѓа земја, Египет. А потоа се враќа во Назарет, и после сѐ што се случило на крајот на краиштата не ги заборава своите. Секојдневна работа и пот за корка леб, тој се грижи за своето семејство, за Марија и Исус, сѐ обично и вообичаено, без спектакл или увеличување. Ја работи својата работа во мир и тишина.
Навистина, на човекот му е потребна голема вера за да и даде простор на Божјата постапка во светот. Така се случува и овде. Бог не станува човек без човекот, Марија и Јосиф. Тој едноставно ги вовлекува во својот план за спасение, се разбира со нивна доброволна согласност. Некако навикнавме во нашите молитви, рефлексии и проповеди да размислуваме за верата на Блажена Дева Марија, што се манифестира во нејзината согласност со Божјата волја, кога ангелот Гаврил и ја соопшти веста дека во својата утроба ќе зачне и ќе роди Син. А Матеј во своето евангелие ни ја пренесува согласноста на Јосиф за Божјиот план. Потребна беше навистина голема храброст и самодоверба да се поверува во објавата на сонот дека Марија не го предала и дека таа таинствено станала средство на Божјиот план за спасение и дека тој сега, спротивно на сите вообичаени граѓански норми, прифатил и му дал име на своето дете и зазема татковска улога и грижа. Јосиф го прифаќа тоа без зборови и без двоумење. Цврстата вера на едноставниот и праведен човек се реализира на дело. Токму на таквата вера Бог ги гради своите дела.
Бог го избра Јосиф, но исто така му даде и најголем дар, личност со која може да ги сподели своите животни идеали и да ги сонува Божјите соништа. Тој не се опушташе во никакви шпекулации или осуди на луѓето, туку со вера и со сета своја сила го прифати Бога и неговата волја и како награда го прими и го вдоми Синот Божји на кој му го отстапи не само својот дом, туку и своето име.
Драги браќа и сестри, и нам ни е доверена задачата која, како Свети Јосиф го внесеме Исуса на свет и да му служиме во сите луѓе, особено на оние што ни ги испраќа и со кои се идентификува, тоа се тие малите и сиромашните, сите оние на кои им е потребна нашата грижа. Нека божикната радост ни биде исполнета со такво служење. На сите ви посакувам среќен Божиќ и благословена Нова година, се вели во божиќната порака на бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов.