Македонската Влада досега покажа еден поинаков начин на креирање политики и европско однесување на Балканот, кое може да функционира и во случајот со спорот со Грција околу името, порача вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во интервјуто за Дојче Веле на англиски јазик, кое го даде вчера во Берлин.
Таа беше дел од делегацијата во официјална посета на Германија, што ја предводеше македонскиот премиер Зоран Заев.
Запрашана да го појасни оптимизмот на Заев дека спорот за името ќе се реши до јули таа напомена дека ништо не се постигнува без оптимизам.
– Ништо не се постигнува без оптимизам. Тоа за нас е еден вид на импулс. Импулс за започнување на реформската агенда во земјата. Ги надминавме разликите кои ги имавме со Бугарија и склучивме договор, само два месеци откако бевме избрани како нова Влада. Покажавме еден поинаков начин на креирање политики, поинаков начин на однесување, европско однесување на Балканот и веруваме дека ова може да функционира и во случајот со спорот околу нашето име со Грција, рече Шекеринска на прашањето околу шансите за решавање на спорот за името.
Додаде дека успехот ќе зависи од двете влади, кои сакаат да се стави крај на овој спор.
На прашањето за степенот на оптимизмот кај граѓаните на Македонија, но и протестите во Грција, Шекеринска одговори дека иако еден дел од граѓаните на двете земји ќе бидат незадоволни и веројатно двете влади ќе добијат критики, сепак, улогата на владите е да ги решаваат проблемите.
Министерката истакнува дека интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ е стратешко прашање за кое се согласни сите граѓани.
Прашана зошто смета дека членството во ЕУ и во НАТО ќе претставува сила против национализмот, таа потсети на грчкото вето на самитот на НАТО во 2008 година, кое создаде вакуум, кој меѓудругото се пополнил со национализам.
– Кога го добивме грчкото вето во 2008 година за нашето членство во НАТО земјата стана пофрустрирана, поизолирана, а во политиката не постои вакуум, па таа празнина се пополни со многу работи, вклучително и национализам, вели Шекеринска.
Истакна дека не верува дека НАТО и ЕУ по дефиниција може да го победат национализмот.
– Но доколку на луѓето им се даде надеж, доколку им се дадат можности за стабилен поинтегриран регион и континент, доколку им се даде перспектива за економски раст, која обично доаѓа со членство во НАТО и ЕУ, на тој начин ќе им се даде единствениот противотров што можеме да му го понудиме на овој континент во борбата против национализмот , појасни Шекеринска.
Во врска со брзината на интеграцијата на Македонија во ЕУ, вели дека НАТО реформите што се направени во се основа за надежта дека во јули земјата ќе добие покана, но интеграцијата во Унијата е побавен процес.
– Ние не шпекулираме со датуми. Не поставуваме датуми, туку цели. И нашите цели се навистина да ја трансформираме земјата и да надминеме дел од слабостите. Значи, за нас е многу важно да се вратиме на патеката кон ЕУ и НАТО, а потоа ќе следат датумите во зависност од тоа колку бргу ја трансформираме земјата и даваме резултати, додаде Шекеринска.
Во врска со воениот буџет согласно стандардите на НАТО, Шекеринска рече дека е донесен план за зголемување на буџет, оваа година зголемувањето е 15 отсто, предвидено е дополнително зголемување од 0,2 отсто секоја година до достигнување на целта од два отсто.
Додаде дека Македонија го зголеми и учество во мисиите предводени од НАТО, како мисијата во Авганистан, за 20 отсто и продолжува со поддршка на мисијата КФОР на Косово.