Негувањето на мајчиниот јазик е европска вредност, одбележување на Денот на турската настава

Се наоѓам во мојот дом, не претерувам кога го кажувам тоа, бидејќи јазикот е нашиот дом. Лицата кои говорат ист јазик не познаваат граници. Нашите предци преку турскиот јазик дошле овде и се запознале со овие предели, од кои црпеле инспирација, изјави претседателот на Големото национално собрание на Република Турција Мустафа Шентоп на официјалната прослава по повод 21 Декември – Денот на турската настава во Скопје.

Изразувајќи задоволство што се навраќа во својот дом, Шентоп пренесе срдечни поздрави од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердроган и порача дека треба да се зачува јазикот, бидејќи така ќе ја зачуваме нашата иднина.

–  Јазикот е нашот дом и не е добро да останеме без нашиот дом. Со Северна Македонија имаме одлични односи и е држава што има особено значење за нас на Балканот. Нашата културна блискост има исклучително место помеѓу овие безброј прилики за проширување на односите, како што е и ова честување…. Треба да го зачуваме нашиот јазик, бидејќи така ќе ја чуваме нашата историја и нашата иднина. Оној што ќе го заборави својот јазик, ќе се заборава себе си и ќе го загуби засекогаш својот дом, изјави Шентоп.

Северна Македонија, нагласи Шентоп, со своето мултикултурно и мултиетничко богатство претставува пример за регионот и целиот свет, за живеење во мир и добрососедство.

– Можеме да кажеме дека оваа земја е гаранција на Балканот и регионот. Ние овде со векови сме живееле братски и заеднички, со сите. Уште еднаш, порачувам ова да биде вечно пријателство меѓу Северна Македонија и Турција, изјави Шентоп.

Претседателот на големото турско национално собрание, во својот говор потсети на големиот број значајни личности за турската историја и култура кои потекнувата од овие простори и ги градат мостовите меѓу Скопје и Истанбул.

Премиерот Зоран Заев, честитајќи го Денот на наставата на турскиот јазик во име на Владата и сите граѓани, порача дека денешниот ден за припадниците на турската заедница во нашата земја е многу важен, бидејќи на 21 декември за првпат во далечната 1944 започнала наставата на турски јазик во нашата земја.

– Денеска кога градиме едно општество за сите граѓани, припадниците на турската заендица се значен дел од тоа општество. Нашите сограѓани од турската заедница, даваат значен придонес во нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Нашите истакнати сограѓани од турската заедница даваат значаен придонес во развојот на нашето општество. Негувањето на мајчиниот јазик е европска вредност и треба секогаш да го чуваме. И сме горди на тоа, порача Заев.

Граѓаните од турската заедница, порача Заев, истовремено се и најсилната алка на поврзување на традиционално добрите односи меѓу двете земји.

– Турција беше прва земја што подаде рака по осамостојувањето на нашата земја. Нашите граѓани тоа никогаш нема да го заборават. Нашата соработка е пример за соработка во регионот и пошироко.  Најдобра илустрација за тоа е присуството на турските компании. Турција е најголем инвеститор во земјата надвор од ЕУ. Според податоците 1 000 компании од Турција со над 4 000 вработени работат во нашата зешја,  рече Заев.

Историските околности, порача Заев, исто така, посакаа нашите две земји да бидат поврзани и преку ликот и делото на творецот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк кој се стекна со диплома од Битола.

Претседателот на Собранието Талат Џафери честитајќи го Денот на турската настава, оцени дека Турција е наш традиционален, долгогодишен и искрен пријател.

-Под поимот пријател мислам и во добро и во зло. Подадената рака на турскиот народ секогаш ги допира нашите срца. Тоа го прави и во ова тешко време на глобална пандемија кога човештвото е исправено пред глобалниот здраватвен и економски ризик, рече Џафери.

Тој се заблагодари за целокупната поддршка што Турција и ја дава на Северна Македонија, сега и како членка на НАТО.

Претседателот на Големото национално собрание на Турција, во рамки на својата официјална посета на земјава, се очекува да се сретне и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

На 21 декември 1944 година во рамки на тогашната Федеративна Република Југославија одново е дозволено образование на турски јазик и овој датум е прифатен како национален празник на Турците во Македонија и Ден на турска настава.

Во рамки на обележувањето, во Скопје, ќе се организираат низа настани, а првиот е церемонијата организирана од страна на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) на која ќе им бидат врачени наградите на оние кои дале придонес за делото составено од приказни, есеи и поезии, произлезени од „Онлајн работилница на писателство 2019-2020“ организирана од страна на Сојузот на писатели на Евроазија и Сојузот на писатели на Балканот, со поддршка на ТИКА. Воедно ќе им бидат доделени награди и на учениците и студентите добитници на натпреварот по поезија, проза и цртање со наслов „Туркофонскиот свет соединет со турскиот јазик“ организиран од страна на МАТУСИТЕБ и Институтот Јунус Емре. Потоа ќе следи панел дискусијата со наслов „Ретроспективна евалуација на историскиот контекст на турското образование во Северна Македонија: минатото, денешницата и иднината“ на која свои излагања ќе имаат значајни експерти.

Попладне во Куршумли Ан ќе биде отворена изложбата „Турското стреличарство низ историјата“, а потоа ќе следи панел дискусија организирана во Меѓународниот Балкански Универзитет со наслов „Духовното наследство во Румелија“.