Патот на Република Северна Македонија кон ЕУ води преку Софија, а не со лобирања низ европските престолнини и притисок врз Бугарија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за радио „Дарик“.
Бугарската национална позиција кон РС Македонија, според него, е објективна и многу добра, и усвоена со консензус во бугарскиот парламент, но, за жал, не била добро промовирана во ЕУ.
Договорот за добрососедство од 2017, вели Радев, од бугарска страна изобилува со добронамерна наивност, но не наиде на потребната добра волја. Поради тоа предложил анекс, но бугарската влада доцна ги поставила „црвените линии“ и националната рамковна позиција и доцна почнала да ги применува.
– Ние сега имаме апсолутно обединета позиција со владата на темата РС Македонија. Треба да сме единствени се додека нашите браќа не разберат дека патот на земјата до членството во ЕУ не треба да биде по долгата траса со лобирање низ европските престолнини и притисок врз Бугарија. Патот до ЕУ, како што му кажав и на претседателот Стево Пендаровски и на специјалниот пратеник (Владо Бучковки), минува низ Софија. Треба да седнеме со раководството на РС Македонија и да прецизираме што треба да направиме. Бугарија има огромен интерес РС Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.