МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ПЕТТИ ДЕЛ)

ИСЕЛЕНИШТВОТО – ЖИВОТНА ОПРЕДЕЛБА НА СЛАВЕ КАТИН

Македонскиот иселенички печат во светот е израз на долготрајната макотрпна борба на македонските доселеници (без разлика од кој дел на Македонија дошле), за афирмација на својот национален идентитет, на дедовската земја Македонија и на македонскиот јазик. Македонците во светот секаде и во секоја пригода го истакнуваат македонското битие, изразено преку сопствената, богата, културна, национална и духовна историја. Во таа насока се и настојувањата да се претстави делотона „Поетски иселенички меридијани“

.

Како резултат на долгогодишната посветеност на Македонците од сите делови на Макеонија на Слав Катин и Фиданка Танаскова, во 1996 година, се појавува со книгата „Поетски иселенички меридијани“,( Матица на иселениците од Македонија, Скопје, 1995, 1-122, на македонски јазик). Тоа е  зборник на поезија посветен на Македонците раселени ширум светот.

По тој повод д-р Димитар Керамичиев, како претседател на Матицата, во предговорот кон ова издание подвлекува дека овој поетски животопис ги сублимира мислите, надежите, исчекувањата, соништата и стварноста на македонските иселеници, односно нивните деноноќија во далечните и непознати светови, кога секој со своите среќни и тажни судбини си ја плете својата иднина. Во тие непроспиени ноќи, или подоцна, во тие успешни или кошмарни години и децении, многумина од нив пишуваат и стихови, инспирирани од носталгијата за Татковината, за старата мајка, за најблиските, за новите татковини, за новите текови и животни врвици, за небиднината, сновиденијата, проклетијата, среќата, печалбарството, далечините…

Книгата содржи 80 песни посветени на откорнатите од родните прагови, на раселените, на заминатите како печалбари, на тешката мисла и носталгијата овековечени низ поетскиот збор, низ стиховите чувани и носени во душата, како утеха за изгубената мајчинска топлина или за дедовските огништа, за безграничната љубов кон родниот праг, кон полињата и планините, реките и езерата – кон својата сакана Македонија.

Со децении Македонците пејат за толку многу вистини и за убавите нешта во животот. Пишуваат за љубовта, за своите најблиски, за младоста, за новите утра, за една поинаква судбина и стварност, иако живеат во нови далечни светови, во Торонто, во Чикаго, Сиднеј, Мелбурн, Перт, Детроит, Келн, Њу Џерси, Дизелдорф, Малме, Гетеборг, Вулунгонг…

„Оваа книга што трпеливо стих по стих ја собираа и обликуваа добрите познавачи на македонското иселеништво Славе Николовски – Катин и Фиданка Танаскова, претставува своевиден зборник на поетското творештво на Македонците во дијаспората, прв труд од ваков вид кој пополнува една голема празнина во истражувањата на македонското иселеништво. Истовремено, со овој труд се збогатува истражувачкиот опус на Катин на оваа тема, зашто иселеничките поетски и творечки пораки во ова дело се и општочовечки релации и синтеза на едно минато и една сегашност, доживеани со јазикот на универзалноста“, заклучува д-р Керамичиев.

На промоцијата, пак, што се одржа во Сиднеј во друштвото „Григор Прличев“, Иван Трпоски, поет и автор на десетина книги, ќе истакне: Катин и Танаскова се вистински иселенички повесничари, кои при секој нивен престој во некоја иселеничка колонија, со своите пера оставаат вечни белези во македонските весници. Нивните очи се најполни со иселенички ликови, нивните срца се најболни од исленичките доживувања, нивните души се преболни од сознанието дека македонството расте во светот, а се намалува дома, во Македонија. Да, таа трагедија ја знаат токму тие! Затоа во нивните бележници има место за сечија воздишка, сечиј морник, сечија солза… Тие, Катин и Танаскова ги собрале на едно место сите нивни иселенички желби, клетви, соништа, запишани во стихови и објавени во оваа книга“.

Во „Современост“ бр. 3 и 4 од 1996 година, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, говорејќи за ова дело на Катин и Танаскова, нагласува: „Пред нас имаме покомплетен избор на поезија од нашите сонародници во Австралија, Европа, Канада и САД, инспирирана од иселеничкиот копнеж и носталгијата кон Татковината. Иако нашиот човек се населил во различни средини, во држави многу оддалечени едни од други, нивниот носталгичен сон по <стариот крај> останува длабоко всаден во нив. Преселбите, непроспиените деноноќија, немирите што ги носеле новите средини, логично, наоѓаат посебен израз кај поетите што ни се претставени во изборот на ова книга“, вели Стојчевска цитирајќи, притоа, стихови од Џим Томев, Илија Башевски, Андреа Бранов, Васка Дренкова, Иванка Петровска, Пандора Петровска, Панде Манојлов, Доне Качоров и други поети.

Освен носталгични звуци кај поетите Македонци од Европа, Канада и САД, стиховите на австралиските поети не ги забораваат личностите од рангот на Александр Македонски, Гоце Делчев, Григор Прличев, свети Климент Охридски и други ликови од македонската историја, на кои многумина им посветиле песни.

Во 1998 година Катин, во коавторство со Фиданка Танаскова ја објавува Монографијата за Македонскиот клуб „Илинден 1903 од Хамбург Германија“ („Македонска искра“ – Скопје, 1997, 1-86, на македонски)., по повод дваесетгодишнината од неговото формирање, во издание на „Македонска искра“ од Скопје. По тој повод, претседателот на Клубот Никола Грујовски, во воведот истакнува:

„Германија како наша втора татковина ни овозможи нам на Македонците дел од својот живот, по силата на економските околности да го минеме во рамките на една стара европска цивилизација. Просторно најблиска на нашата Татковина, овозможувајќи ни да ги остваруваме своите потреби и интереси на начин кој обезбедува зачувување и развивање на нашиот национален и културен идентитет. Оттука и нашата благодарност кон оваа држава, која меѓу првите ја призна Република Македонија како самостојна и независна држава и со неа воспостави дипломатски односи на ниво на амбасади“.

Говорејќи за Клубот, Љубица Хаџи Георгиева, како негова истакната активистка, во поговорот на монографијата истакнува:

„Дваесетгодишниот јубилеј – гледан од аспект на историјата е многу кус и незначаен период. Меѓутоа, погледнат од аспект на идејата, мисијата и улогата на луѓето кои се собираат и му дават живот на тој Клуб, јубилејот е многу важен и многу значаен за сите нас. Во почетокот, истакнува таа, нашите луѓе се наоѓале на маргините на општествените настани во новата средина, одвај забележани. Но, со време, секој од нив со својот придонес, позитивен или негативен – со своето дејствување, или, едноставно, живеејќи во тие краишта, стана значаен фактор, носител на информации, белези и карактеристики на еден народ кој дотогаш во новата средина бил своевидна енигма. А Клубот во Хамбург и околината стана мост меѓу Македонците и Татковината, чувар на вредностите кои им овозможија да го зачуваат својот идентитет“.

Одбележувајќи го овој настан, „Нова Македонија“ во мај 1998 година, истакнува дека Катин и Танаскова прават многу успешен спој на своевидниот временски мост, нагласувајќи ја големата мисија на Клубот „Илинден 1903“ и црковната општина во мултикултурната средина во Хамбург.

За егзодусот на Македонците, расеани на сите континенти и нивната вековна битка за опстанок и зачувување на својот национален идентитет, Катин продолжува да зборува и во неговото наредно дело „Македонски иселенички паноптикум“ (Друштво за наука и уметност, Битола, 1996, 1-296, на македонски јазик). Негова преокупација се пулсациите на нивниот ангажман во изградбата на новата и одржувањето на врските со старата татковина, со што во иселеничката галаксија вградува нови и привлечни соѕвездија, со кои е автентичен и препознатлив, не само на нашите, туку и на други меѓународни простори, на кои, не случајно, е се’ почесто присутен.

Очигледно е дека истражувачката трансферзала на Катин се движи во координати кои откриваат низа сличности во одот низ маките на македонскиот и еврејскиот народ во Европа и светот, правејќи ги комплементарни за проучување низ феноменот на миграциите во планетарни рамки, но и низ нивните генетски пориви и нивното влијание врз промените во државите во кои се стационирани на подолг рок. Во „Македонскиот иселенички паноптикум“, Катин, низ сите аспекти, тоа евидентно го покажува и докажува, откривајќи низа значајни визури од животот и дејствувањето на македонското иселеништво во развојот и унапредувањето на економските и културните процеси во тие држави, со што и ги збогатува општите сознанија за скромниот придонес на Македонците и на овој план.

Посебно место во ова значајно дело на Катин имаат процесите на сопственото организирање и функционирање на Македонците во новата средина, а во тие рамки и придонесот на Македонската православна црква, која не само што ги организира и координира, туку и успешно ги синхронизира иницијативите и активностите на Македонците, без оглед на нивната социјална структура. Причините за тоа, не се само во дистанцата од родниот крај или во носталгијата за него, туку и во чувството за припадност на една стара етничка заедница, чиј опстанок зависел и зависи од функционирањето на законитостите релевантни за <освојување> на просторот во рамките на други планетарни простори и цивилизации. Токму поради тоа и укажувањата на Катин дека Македонија како самостојна и независна држава треба посмело да ги користи светските искуства на нашите сонародници во САД, Канада, Австралија и Европа (Европската Унија), кои нам во овој поглед, очигледно ни недостасуваат.

На промоцијата во Друштвото за наука и уметност во Битола, д-р Трајко Огненовски го истакна следното: „Македонскиот иселенички паноптикум“ на Катин нуди една нова диоптрија за поинакво фокусирање на миграционите процеси меѓу Македонците. Таа е книга за едно пофундирано проучување на овој феномен, кој своите вистински димензии, значење и суштина, се’ повеќе ќе ги добива токму во оваа фаза од развојот на Македонија, како независна држава и рамноправен меѓународен субјект, прифатен и признат од светската заедница на народите, со своја историја и култура, без чии вредности не може да се замисли ризницата на светската култура.

Дел од богатствата на македонскиот дух, преку фолклорот, музиката и песната, носијата, накитот и резбата, веќе се присутни на културните простори на државите во кои Македонците се времено или трајно населени, како што е присутно и нивното книжевно творештво на својот мајчин или на јазикот на кој зборува македонскиот народ. Во сегашниот миг, а и во иднина ова дело, како и целокупниот опус на Катин, ќе претставува значајна и своевидна аргументација за одбраната на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот“

Продолжува

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ