Северна Македонија има законодавство што овозможува следење на банкарските трансакции за финансирање тероризам и други кривични дела

Конференцијата на земјите членки на Варшавската конвенција – Конвенцијата на Советот на Европа за перење, потрага, заплена и конфискација на приходите од криминал и за финансирање тероризам, која е одговорна за надгледување на спроведувањето на договорот, објави извештај во кој се проценува како нејзините држави-страни го следат банкарското работење за да спречат перење пари и финансирање тероризам, јави дописникот на МИА.

Според мониторингот извршен за Северна Македонија, во заклучокот се вели дека таа има законодавство што овозможува следење на банкарските трансакции, без разлика дали станува збор за Законот за кривична постапка (член 200) или Закон за борба против перењето пари и капитал и финансирање на тероризмот (член 119). Исто така, е можно, според ЗКП, да се спроведе ова следење на барање на странски колега и потоа резултатите да му се соопштат.

Општо, властите се поканети да ја зајакнат судската пракса во врска со примената на следење на банкарските трансакции.

Законодавството на Северна Македонија, особено нејзиниот ЗКП, им гарантираат на властите можност за следење на банкарските трансакции. Затоа може да се заклучи дека членот 7 (2в) е спроведен од Северна Македонија. Властите потврдија дека одредбите во врска со овој мониторинг можат да се применат, без оглед на видот на прекршокот.

Модалитетите на меѓународната судска соработка во кривичната област во кривични предмети се утврдени во Законот за заемна правна помош. Овој текст не наведува јасно дали е можно, за одреден период, да се следи банкарското работење на барање на странски колега и потоа да се соопштат резултатите на последниот.

Сепак, членот 29 од Законот за заемна правна помош предвидува дека, на барање на надлежниот странски орган, националниот судски орган може да донесе привремени мерки заради собирање докази, обезбедување на собраните докази и ги штити загрозените правни интереси. Властите на Северна Македонија ја толкуваат оваа одредба како дозволена примена на член 200 од ЗКП.

Покрај тоа, Законот за борба против перењето на пари и капитал и финансирање на тероризмот не предвидува надзор од страна на Финансиската полиција, за одреден период, на банкарски трансакции извршени преку една или повеќе сметки на барање на странска финансиска полиција и обвинителство. Како резултат на тоа, Владата подготви и усвои измени и дополнувања на Законот за борба против перењето на пари и капитал и финансирање на тероризмот. Овие измени и даваат нови овластувања на финнасиската покиција во областа на меѓународната соработка, вклучително и можноста за постапување по барање за следење на деловен однос (член 131 – „Привремени мерки и наредба за следење донесени во рамките на меѓународна соработка “).

Отворена за потпис во Варшава во 2005 година, Конвенцијата на Советот на Европа за перење, потрага, заплена и конфискација на приходите од криминал и за финансирање на тероризам (CETS No.198) во моментов е на сила во 37 земји-членки на Советот на Европа. Шест други земји ја потпишаа, но сè уште не ја ратификуваа.

Тоа е првиот меѓународен договор што опфаќа и спречување и контрола на перење пари и финансирање на тероризам. Текстот се фокусира на фактот дека брзиот пристап до финансиски информации или информации за имотот што го поседуваат криминални организации, вклучително и терористички групи, е клучот за успехот на превентивните и репресивните мерки и, на крајот, најдобар начин да се спречат.

Конференцијата на земјите основана од договорот го следи неговото спроведување со спроведување на тематски прегледи во кои сите страни се оценуваат истовремено за одреден член од конвенцијата.