До 7 јануари 2021 година забранет влез во Грција за државјани на трети земји

Забраната за влез во Грција за државјани на трети земји, како и одлуката за ограничување на копнените поврзувања со соседните земји се продолжени до 7 јануари 2021 година, односно до денот до кога во Грција се во сила карантинот и рестриктивните мерки, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката на грчката Влада за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот, е веќе објавена во Службен весник на Грција и стапува во сила вечерва, една минута по полноќ.

Првиот член од одлуката се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон Грција „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.

За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Какавија и кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Северна Македонија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин од грчките власти.

Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Турција, Северна Македонија и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“.

Исклучок се земјите членки на Европската унија и Шенген зоната, како и жителите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Уругвај, Обединетите Арапски Емирати и Сингапур.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Станува збор за одлуките кои континуирано се продолжуваат во изминатиот период, а копнените граници на Грција со Северна Македонија и Албанија се затворени веќе девет месеци.