Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн вели дека не може да коментира изјави од соседна држава, но истакнува дека Германија до последен момент се залагала за усвојување на преговарачката рамка.
-Германското претседателство во рамките на органите на Советот ги дискутираше сите предлози кои беа на маса и до последно се залагаше да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија за отпочнување на преговорите со ЕУ, вели германската амбасадорка Холштајн на барање од „360 степени“ да ги коментира изјавите на Министерството за надворешни работи на Бугарија дека Германија на министерскиот состанок во ЕУ не ги ставила на дневен ред нивните барања за преговарачката рамка.
Таа посочува дека е амбасадорка во Северна Македонија и дека нејзина задача не е да коментирам изјави на соседна држава.
-Можам да ве уверам дека германското претседателство во органите на Советот ги дискутираше сите предлози за решение, кои се наоѓаа на маса и до последна минута најангажирано се залагаше за усвојување на преговарачката рамка. Нашите предлози за текстот наидоа на огромна поддршка, но не и согласност од сите држави-членки. Германското претседателство со Советот е убедено дека ЕУ мора да го одржи својот збор, даден во март, бидејќи само кредибилна ЕУ-перспектива е гаранција за стабилноста во регионот, вели Холштајн во изјавата.
Бугарското МНР, во соопштение испратено до медиумите, денеска побара Владата на Република Северна Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот или правото да го нарекуваат сопствениот јазик како што сакаат и притоа изрази жалење што Германија како актуелен претседавач не ги ставила на разгледување нивните барања.