Штајнмаер: Решение на спорот со Грција ќе даде позитивен импулс за целиот регион

Во рамките на официјалната посета на Сојузна Република Германија, премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со претседателот Франк-Волтер Штајнмаер  на која го оцениле како исклучително позитивен и динамичен досегашниот развој на односите меѓу двете земји.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Штајнмаер се согласиле дека овие ралации ќе продолжат и понатаму, и дека се од особено значење за претстојниот клучен период за Република Македонија.

– Во годината кога се одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи, длабокото партнерство меѓу двете земји е наградено со фактот што СР Германија е најважниот трговски партнер на Република Македонија со вредност на трговската размена во висина од преку 3 милијарди евра. Плодната соработка со СР Германија ја потврдуваат и преку 200 компании што имаат воспоставено бизнис релации со македонските компании, додека компаниите што основаа свои фабрики во Република Македонија, отворија речиси 20 илјади работни места, стои во соопштението.

Соговорниците размениле мислења и за активната соработка во сферата на безбедноста и одбранбените политики и членството на Македонија во НАТО. Претставници на Армијата на Република Македонија се дел од редовните обуки во армиските институции на СР Германија, како и во заедничките мировни мисии. Особено, се додава во соопштението, беше истакнат анжаманот на македонските војници кои рамноправно и професионално ги извршуваат мировните задачи во рамки на мисијата во Авганистан, во германскиот контингент.

– Премиерот Заев информираше дека, освен политиките за забрзување на евроинтеграциските процеси, напорите на Владата се фокусирани на спроведувањето на одржливи внатрешни реформи и за затворање на долгогодишни и длабоко чувствителни прашања со соседите, соопшти владината прес-служба.

Штајнмаер посочил дека ги почитува напорите на Владата на Република Македонија и премиерот Заев и оценил дека се направени видливи и значајни промени во придвижувањето на земјата напред и спроведување на реформите.

Решение на спорот со Грција, оценил Штајнмаер, ќе даде позитивен импулс за целиот регион и значително ќе влијае на стабилноста.

– Фокусот е да се гради нов дух во нашите односи, да се отвори дијалог за решавање на нерешените прашања, да се изградат мостови за соработка базирани на заемна доверба и почит, истакнал на средбата премиерот Заев, се наведува во соопштението на владината прес-служба.