Претседателот Стево Пендаровски со указ ги унапреди полковник Симеон Трајковски и полковник Бесник Емини во чин бригаден генерал.
Чиновите на двајцата армиски офицери им беа врачени денеска од страна на претседателот Пендаровски на свечена церемонија во „Вила Водно“, на која присуствуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Симеон Трајковски ја извршува должноста началник на Ј-5 секцијата во Генералштабот на Армијата од 2017 година. Од добивањето на поканата за членство во НАТО е активно вклучен во сите процеси и преговори со НАТО како еден од носителите на процесот за пристапување и интеграција на Армијата во НАТО.
Бесник Емини ја извршува должноста Командант на 1. пешадиска бригада, од јули 2019 година, која е носечка сила на Армијата. Во текот на неговата воена кариера бил многупати пофалуван, а е и носител на медал ARCOM, Iraqi Freedom, 2007/2008 година.