Министерството за здравство и трите најголеми приватни болници, „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“, синоќа се договорија да соработуваат во борбата против КОВИД-19. До крајот на неделава старата гинеколошка болница на „Систина“, поранешна „Мала богородица“, ќе биде пренаменета во инфективно одделение каде ќе може да се лекуваат 100 пациенти. Лекувањето ќе биде бесплатно, на трошок на државата, а за пациентите ќе се грижи лекарски тим од „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.
Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, и на хируршките клиники неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за КОВИД-пациенти.
Во меѓувреме, бројката на заразени не стивнува. Последниот биланс покажува 1112 нови случаи и 24 починати лица.
Министерот сепак, уверува дека на скопските клиники засега има доволно кревети, а максимално е ангажиран и медицинскиот персонал. – Поставеноста на системот покажа дека добро функционира и дека дава резултати во поголем број оздравени пациенти и во доволен број слободни кревети, рече Филипче.
Капацитетите брзо се пополнуваат, но скоро воопшто не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата.
-Постигнат е договор со трите најголеми приватни болници и обезбеден е дополнителен капацитет од 100 кревети за третман на КОВИД пациенти. Станува збор за ресурси што државата ќе ги користи од приватните болници. Заеднички се договоривме тоа да биде болницата „Мала Богородица“ – старата болница на „Систина“ каде може да се сместат 100 пациенти. Целосно ќе бидат опремени од страна на сите приватни болници со нивен заеднички договор. Од таму ќе биде обезбеден и кадар и материјали. И за сето тоа соодветен надоместок согласно постојните закони ќе плаќа државата, потенцираше Филипче по средбата со сопствениците на „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.
Тие потврдија дека се подготвени да помогнат и да максимално да излезат во пресрет за добро на граѓаните.
-Постигнавме договор во интерес на граѓаните. Ако остане како што е договорено, сите три поголеми и другите помали приватни болници ќе бидат вклучени во помошта на граѓаните за борба против КОВИД-19 и сите наши ресурси со кои располагаме. Комплетно ги прифативме условите од Министерството, изјави сопственикот на „Систина“, Орце Камчев.
Според сопственикот на „Филип Втори“, Жан Митрев, сите се на ставот дека треба да помогнат колку што можат.
-Начелно имаме концепт и стоиме зад сето тоа. Министерот и Министертсвото треба да го водат сето тоа, ние сме тука да помогнеме и во опрема и во кадар и во логистика. Засега нема никакви недоразбирања или непто околу што би се расправале, напротив, мислам дека сме сите сме во тој правец – да помогнеме колку што можеме во оваа ситуација, истакна Митрев.
Министерот Филипче вчера се сретна и со директорите на повеќето скопски клиники во кои се отворени КОВИД-центри, како и со раководството на ГОБ „8 Септември“. Овој критичен период, нагласи, ќе продолжи и во наредните недели, а ќе продолжи и притисокот врз болниците. Затоа, од клучна важност е, порача, граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од КОВИД.
Апел за почитување на заштитните мерки, упати и в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кој во изјава за МИА рече дека денеска претпладне ќе заседава Главниот штаб за управување со кризи.
На седницата, информира Ангелов, ќе биде разгледан планот на Министерството за здравство, кои објекти треба да се обезбедуваат. Притоа напомена дека Армијата при обезбедувањето само ќе и асистира на полицијата и ќе биде на своите позиции без оружје.
-Ние веќе добивме од Министерството за здравство план на објекти кои треба да се обезбедуваат. Утре ќе го разгледаме и ќе го дадеме на МВР да го операционализираат. Ќе побараме од соодветните служби на Министерството за внатрешни работи, во делот на обезбедување, да изготват план – дали се прифаќаат сите точки, дали е доволно покривање во една смена или 24 часа. Врз основа на тоа, ќе предвидат луѓе кога би ротирале во три смени. Тогаш ќе ја имаме ние вистинската слика, објасни Ангелов.
Акцискиот план, потсети, се уште не е поминат и одобрен од Управувачкиот комитет, затоа не може да се процесуира, а треба да помине и на Влада.
Министерството за здравство синоќа соопшти дека во последните 24 часа бројката на КОВИД дијагностицирани е 54743, а направени се 2553 тестирања. Од новите 1112 случаи, најмногу се во Скопје, 321.
Од починатите 24 лица, четири се од Скопје (76, 62, 67 и 70 години), еден од Куманово (64), еден од Штип (8г), тројца од Прилеп (69, 45 и 79), двајца од Тетово (41 и 65), двајца од Велес (81 и 61), пет од Битола (70, 91, 48, 60 и 73), еден од Охрид (89), еден од Крива Паланка (47), еден од Крушево (60), еден од Кочани (41), еден од Македонски Брод (40) и еден пациент од Виница (66). Сите починале во болнички услови.
Според последните бројки на Министерството, во КОВИД-центрите во Скопје се лекуваат 474 лица. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
Хоспитализрани се 35 нови пациенти, а на интерните клиники имало вкупно 20 приеми – еден пациент бил хоспитализран на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, петмина во ковид-центарот на Клниката за Неврологија, седум болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, двајца на Клиниката за нефрологија, а пет во новотворениот центар на Клиниката за очни болести. Во ковид-центарот во ГОБ 8 Септември имало пет нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 10 лица.
На Кожната клиника во КОВИД-центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 12 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 108 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 30 пациенти, од кои 9 деца и 21 возрасен.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 54743, бројката на оздравени пациенти е 32366, на починати е 1511, а бројот на активни случаи изнесува 20866.