Сервер за МИА: Брисел и Вашингтон треба да ѝ кажат на Бугарија да ја смири нервозата

Прашањата за историјата и јазикот поставени од Бугарија треба да бидат разгледувани од историчарите и лингвистите со погледи што фрлаат светлина на објективната вистина прифатена од сите, но тие никако не можат да бидат изговор за блокирање на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ изјави за МИА Даниел Сервер. 

Сервер, експерт за Балканот кој предава напредни меѓународни студии во вашингтонскиот универзитет „Џон Хопкинс“, рече дека не е добра идеја тоа што внатрешните економски и политички проблеми Бугарија ги решава на сметка на економијата и политиката на Северна Македонија. 

На вчерашните коментари на министерката Екатерина Захариева тој одговора дека на терминот Македонија навистина му се дал полет под водството на Тито во социјалистичка Југославија, но оти тоа не го оспрува правото на Македонците да се имемнуваат себеси и државата како што сакаат.  

-Па што оти е така? Нив одамна ги нема, заедно со комунизмот. Дури (ако се земе само) Преспанскиот договор, Македонците имаат право да се нарекуваат како што сакаат и да го употребуваат терминот Северна Македонија, истакна Сервер. 

Тој претпоставува дека политиката на официјална Софија кон Скопје може да е под влијание на Москва, која речиси цела деценија врши поткопување на темелите на ЕУ и се противи на проширувањето на НАТО во регионот. 

Според него, засега, за решавање на проблемот не треба да се очекува премногу помош од Вашингтон. 

-Можеби откако (избраниот претседател) Џо Бајден ќе стапи на функција и кога работите ќе стивнат, но Вашингтон моментално мисли на други работи, изјави Сервер. 

Додаде дека она што Брисел и Вашингтон треба да го направат е да и кажат на Бугарија да ја смири нервозата.