Северна Македонија се уште е во неизвесна ситуација во однос на почетокот на преговорите за членство во Европската унија и не се знае дали Бугарија ќе го искористи своето право на вето. Седницата на Советот на министри за европски прашања е презакажана за 17 ноември, така што се уште постои простор за разговор помеѓу Скопје и Софија во насока на усвојување на преговарачката рамка. Вчерашните разговори во Софија, како што оценуваат учесници во процесот од Скопје, се добра основа да се продолжи понатаму за надминување на недоразбирањата со Бугарија.
Остануваме посветени на наоѓање решение и работиме заедно како добри соседи посветени на заедничката европска иднина, истакнаа од Владата по вчерашните средби во Софија, каде делегација предводена од премиерот Зоран Заев учествуваше на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес. Северна Македонија и Бугарија се копретседавачи со процесот.
-Успешниот Берлински процес дава позитивен моментум и охрабрување на процесот. Тоа е надополнето со засилениот ангажман на германското претседателство. По денешните работните средби во Софија остануваме посветени на наоѓање решение. Тоа е важно за Северна Македонија и за Бугарија. Тие сакаат да има решение, ние исто така сакаме. Работиме заедно како добри соседи посветени на заедничката европска иднина, брифираа од Владата.
Ако имаме позитивно решение тоа ќе биде добро за Северна Македонија, Бугарија, за цела Европа и за цел Балкански регион, но во спротивно, како што велат од Владата, ќе имаме споделен неуспех за сите.
На вчерашниот Самит во Софија се обратија премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, а преку видео обраќање се вклучи и германската канцеларка Ангела Меркел, која потенцираше дека Берлинскиот процес е поврзан и со помирување на недоразбирањата и наследствата од минатото.
– За регионот она што морам да го кажам е дека мора да се согласувате едни со други. Не заборавајте, затоа што тоа е многу важно, им порача Меркел на Заев и Борисов.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи вчера изјави дека се уште е неизвесно дали во декември ќе ги почнеме преговорите за членство во Европската Унија и дали Бугарија ќе го искористи своето право на вето.
-Одлуката се носи на Совет на министри за европски прашања и надворешни работи којшто требаше да биде на 10 ноември, меѓутоа е одложен од Претседателството првично на 17 ноември и со тоа се добиваат дополнителни денови за усогласување помеѓу земјите членки по однос на текстот на рамката. Не можам да прејудицирам сто проценти во моментов каква ќе биде одлуката на 27-те земји – членки. Тоа што знам е дека ние ќе работиме до последната минута од последниот ден за да можеме да испорачаме, рече Османи во телевизиско интервју.
Според него, вчера во Софија тие имале отворен и конструктивен разговор по однос на сите прашања, се разговарало отворено за сите загрижености и чувствителности на двете страни по однос на процесот, очекувањата, постигнувањата, можностите, проекциите, алтернативите, опциите… Тоа, според Османи, било добра основа да се продолжи понатаму.
Шефот на дипломатијата потенцираше дека Германското претседателство работи принципиелно за да се најде решение внимавајќи на чувствителноста кон двете страни.
-Како земја кандидат чувствуваме сериозна поддршка од Германското претседателство и тоа не охрабрува да не ја пропуштиме шансата. Германското претседателство сериозно го има предвид нашиот регион, рече Османи.
Во Софија, како што кажа, се разговарало и за барањата на бугарската страна и, според Османи, тие сметаат оти работата на комисиите не била доволна за да кажат дека даваат резултат.
-Разговаравме отворено. Остануваат овие денови да се искористат меѓусебната комуникација помеѓу групите. Направивме пресек на тоа што е постигнато. Сепак, има одредени исчекори напред во надминување на загриженостите. Зборувавме за достоинствени разговори помеѓу двете држави. Продолжуваат преговорите до последната минута пред одржувањето на самитот. Претпоставувам дека очекувате јас денеска да влегувам во детали. Нема да помогнам бидејќи реков ова е работа која што е во тек и можеме негативно да влијаеме, а многу ни е важна на сите, истакна Османи.
Според него, неопходно е да има внатрешна кохезија во земјава за да се реши едно комплексно прашање како што е ова и додаде дека смета оти и опозицијата треба да биде вклучена и дека е отворен за средби. Сепак, истакна дека се уште не одлучил дали ќе учествува на седницата на собраниската Комисијата за надоврешни прашања во четврток за односите со Бугарија.
-Не сум сигурен дали е зрел моментот да се искажува јавно мислење, рече Османи.
Како квантен скок ја оцени веќе постигнатата заемна согласност за пет историски периоди и три личности и додаде дека претходно во изминатите 70 години не бил постигнат договор ниту за едно прашање. За Гоце Делчев рече дека треба да одлучуваат историчарите што е прифатливо за двете страни, а не политичарите.
За тоа дали некој германски експерт би можел да се вклучи во работата на комисиите, Османи рече дека таква помош би била добредојдена, дека за тоа веќе е разговарано, експерти кои имаат искуства од слични искуства или спорови, како германско – полскиот, или германско-чешкиот, но засега нема консензус за тоа.
Коментирајќи ги разговорите на делегациите на Северна Македонија и Бугарија во Софија, синоќа бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов изјави дека Бугарија не може да направи никаков компромис со прашањата поврзани со бугарската историја и со идентитетот на сите оние луѓе кои ги нарекуваме дел од нашата заедничка историја.
– Ние го искажавме нашиот став, кој е јасен, недвосмислен и целосно се совпаѓа со рамковната позиција што беше усвоена од Парламентот во октомври минатата година. Објаснивме дека не можеме да правиме никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарскиот херој, на сите оние луѓе кои ги нарекуваме дел од нашата заедничка историја, изјави Каракачанов.
Тој оценил дека средбата се одвивала во искрен и пријателски тон, при што од бугарска страна било истакнато дека Бугарија „не води политика со инает, дека е суверена држава и не е под влијание на еден или друг европски главен град“.
Ваквата изјава Каракачанов ја даде по откривањето на споменик на Гоце Делчев во градот Самоков.
– Можеби денес некој во нашиот западен сосед не ја прочитал добро историјата и се прашува што бил Гоце Делчев. Ако има сомнеж, може да ги прочита стотиците писма, статии и други материјали што ги напишал Гоце Делчев, изјави Каракачанов.
Шефот на дипломатијата Османи наведувајќи дека видел само дел од изјавата на Каракачанов во која тој споменува дека земјава има ултиматум до петок да ги прифати бугарските барања, рече дека предизборната атмосфера е посилна од политичарите и потенцира дека нема таков рок.
Следниот рок, како што кажа, е 17 ноември кога е седницата на Советот на министри, а доколку дотогаш не се реши проблемот останува тоа да се направи до декември.
Тој потенцира дека вчерашните разговори во Софија се добра основа да се продолжи понатаму за надминување на недоразбирањата што ги имаме со Бугарија.