Продолжуваат разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените билатерални прашања

Продолжуваат разговорите со Бугарија и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции. За ова, меѓусебно уверување, изразија вчера во телефонски разговор премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов.

Заев и Борисов, како што информираат од владината прес-служба, размениле и информации околу подготовките за претстојниот самит во Софија во рамки на Берлинскиот процес и договориле уште еден телефонски разговор за денеска, на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во рамки на Самитот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн.

Во рамките на заедничкото копретседателство со Берлинскиот процес, денеска министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Екатерина Захариева, ќе копретседаваат со состанокот на шефовите на дипломатиите, на кој ќе земат учество и претставници на институциите на ЕУ и Советот за регионална соработка.

Состанокот е во пресрет на седмиот Самит на Берлинскиот процес, кој оваа година е предвиден да се одржи на 10 ноември во Софија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, преку видео порака, упати апел на смиреност и одговорност, бидејќи како што рече, премногу постигнавме и премногу сме блиску за да си дозволиме да ја пропуштиме оваа шанса

– Во земјите членки на ЕУ и во нашите соседи во Бугарија постои чувство на одговорност и потреба за изнаоѓање решение. Затоа не смееме да ја прооуштиме оваа шанса, премногу е важно за сите нас, изјави Османи.

Тој потенцира дека земјава има премногу вложено, премногу постигнато и едноставно сме премногу блиску за да си дозволиме да ја пропуштиме оваа шанса.

– Ние немаме добиено доверба за да се нервираме или да ја проектираме таа нервоза, туку за да бараме решение. Имаме многу пријатели, кои што сакаат да ни помогнат. Многу земји, чиј што интерес, се совпаѓа со нашиот. Но и знам дека имаме силен мотив да ги зачуваме нашите европски интеграции, нагласи Османи.

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вчера ги повика премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров и претседателот Стево Пендаровски да кажат што договориле во Берлин.

– Заев, Пендаровски и Димитров неколку дена молчат и не кажуваат што тоа договориле во Берлин, односно што прифатиле во Берлин на штета на македонскиот народ? Заев и останатите од СДСМ и од Владата ги потценуваат граѓаните мислејќи дека нема да се дознае што ветуваат, и што договараат и нормално што прифаќаат, изјави Арсовски.

Според Арсовски, она што може да се сретне и чуе низ бугарските медиуми и политички чинители е дека постоеле три услови, а тоа се за именувањето на јазикот, користењето на долгото име на државата и следење на развојот на добрососедските односи.

Демократскиот сојуз, пак, смета дека блокадата на европскиот пат на Македонија од страна на Бугарија е катастрофална грешка со тешки последици по односите помеѓу двете држави и народи, а ќе се рефлекртира и на стабилноста на Балканот во целина.

– Македонската Влада мора сосема јасно и гласно да објави дека нема разговори и преговори за македонскиот народ и македонскиот јазик. Македонскиот народ е автентичен народ, а македонскиот јазик е изворен и создаден низ илјадници години наназад, вели во соопштение Демократскиот сојуз, сугерирајќи нашата дипломатија да отпочне офанзива за да ги објасни апсурдните барања на Бугарија пред земјите членки на ЕУ, а Парламентот да донесе Резулуција за тоа дека Македонија останува на европскиот пат.