Османи: Договорот со Бугарија е рамка за решавање на сите прашања

Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земи, прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих, при тоа треба да се има сензитивност за двете страни.

Ова го изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој денеска имаше работен појадок со амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов и германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија, како дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.  

-Имаме рамка, која што е потпишана  во 2017 година и таа ги дефинира инструментите како да ги надминеме сите разлики коишто постојат. Мислам дека не треба да има  резерви во однос на тоа да се разговара со пријатели и со соседи за сите прашања коишто сметаме дека ги засегаат двете држави и двете општества, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање.

Вели Договорот не прејудицира дека ќе се најде заедничко решение за секое прашање, но сепак пристапот е да се разговара за сите дилеми.

-Мислам дека оставањето на прашањата под тепих, не прави тие да исчезнат сами по себе, туку само ги прави поголеми, ги акумулира и ги прави потешки за решавање во иднина. Апсолутно отворено, пријателски искажувајќи ги чувствителните работи од нашата страна во однос на отворените прашања, но слушајќи ги и останувајќи отворени и сензитивни за бугарската страна за сите прашања, сметам дека полесно ќе дојдеме до  заедничко разбирање за се она што ги засега односите. Јас сум оптимист. Сите сме свесни за влогот којшто го имаме во овој процес, за важноста на процесот и фактот дека стратешки приоритет за двете држави е регионот да се движи кон ЕУ, рече Османи.

Вели со Бугарија се разговара на дневна основа во однос на сите несогласувања и напомена дека не сака да навлегува во детали за тие контакти, бидејќи треба да им се остави простор на работните групи да продолжат со разговорите.

Шефот на дипломатијата нагласи дека Договорот не претставува едностран акт, чија функција завршува со моментот на потпишувањето, туку рамка во која треба да се решаваат разликите.

-Тоа значи дека доколку во текот на имплементацијата имаме различни очекувања или различни погледи во однос на динамиката на имплементација, мислам дека треба да седнеме и во таа рамка да разговараме. Тоа е улогата на Договорот, рече Османи, нагласувајќи оти Договорот не значи решение само по себе, туку можност за водење искрени разговори со соседите.

-Сметам дека тоа е новиот пристап, тоа е новиот европски дух и верувајте дека ќе биде  многу покорисен за сите нас во споредба со периодот пред Договорот, кога немаше рамка, немаше инструменти, па ниту имаше напредок за кое било прашање, вели Османи.

Во однос на изјавата на европратеникот Андреј Ковачев дека не е доволно земјава само да признае дека нема територијални претензии кон Бугарија и дека не е грев ако преговорите со ЕУ ги почнеме за шест месеци, Османи одговара дека смета оти не треба да се цензурираат изјавите на политичарите, носители на функции, туку е важно тоа што постои комуникација меѓу двете земји.

-Навистина сметам дека не треба да ги оптовариме односите со тоа што секој од нас ќе кажува во улога или согласно капацитетот на функцијата, што ја има. Сметам дека се отвора ново време на соработка и пријателство со Бугарија и оти постепено рецидивите од времето треба да ги надминеме, а европската соработка да ја имплементираме во нашите билатерални односи, нагласи Османи.

Тој додаде дека Берлинскиот процес треба да се искористи за натамошно продлабочување на односите, но и улогата што двете земји како копретседавачи во моментов ја имаат во регионот. Шефот на дипломатијата нагласи дека Бугарија е сериозен спонзор на европсаката агенда на регионот, а Софискиот самит бил исклучително важен чекор во европската агенда на регионот.