Амбасадорот на Словачка во Северна Македонија Хенрик Маркуш, денеска порача земјава како кандидат за влез во Европската Унија да продолжи да ги спроведува реформите првенствено за добробит на самите граѓани. Тој го поздрави и, како што рече, заслужениот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на земјава постигнат во изминатите неколку месеци.
-Не треба да се опуштате, туку да направите поодлучни чекори кон членство во ЕУ. Вие како граѓани на земја кандидат во ЕУ треба да продолжите со реформите, првенствено за ваша добробит, отколку само заради самото членство. Без да се разбере суштината на оваа порака, ќе биде многу тешко да ги постигнете вашите евроинтеграциски аспирации, рече Маркуш на Втората сесија на Работната група 4 Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), на Националната конвенција на Европска Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК).
Според него, иако постои, како што рече, нејасна ситуација дали отворањето на првите поглавја ќе се случи за време на германското претседателство со ЕУ, неопходно е да се продолжи со интензивниот процес за пристапување во ЕУ.
-Верувам дека во секој случај промената на менталитетот е неопходна. Не мислете дали отворањето на поглавјата ќе биде сега или подоцна, почнете со неопходната работа без размислување дали тоа ќе се одложи. Што поскоро продолжите со интензивниот процес на придружување кон ЕУ, полесно и побрзо ќе биде вашето пристапување во Унијата, подвлече Маркуш.
Посочи дека ја гледа Северна Македонија како потенцијален лидер на евроинтегративните процеси во регионот.
-Целиот регион не е во најдобра форма. Како паралела на ова, во самата Унија амосферарта не е толку ентузијастичка за забрзан процес на проширување. Но од друга страна Унијата исто така има потреба од успех во регионот, оцени словачкиот амбасадор. Подвлече оти не гледа причина земјава да не биде лидер и позитивен пример во регионот.
-Зошто Северна Македонија не би била лидер и позитивен пример да биде способна да продолжи побрзо отколу останатите во регионот. Не гледам причина вашата земја да не докаже дека е можен брз и суштински напредок. Ви препорачувам тоа да го направите без одложување, сега, истакна Маркуш, додавајќи дека Поглавјето 24, овојпат поврзано со Ковид пандемијата, е можност каде што може да се даде суштински придонес.
Потсети дека Словачка минатата недела даде донација на земјава со цел помош за справување со коронавирусот.
-Националната конвенција е долгорочен придонес на Словачка за вашите напори и е бидеме многу среќни тоа да го видиме како успешна приказна, првенствено во вашето придружување кон ЕУ, што е можно поскоро, заклучи словачкиот амбасадор на Втората сесија на Работната група 4 Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), на Националната конвенција на Европска Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК).