Шекеринска: Ова не е начин на комуникација меѓу две членки на НАТО, македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска нагласи дека поминало времето кога министри за одбрана во регонов даваат изјави, како таа што ја изнесе бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни и оти таквиот начин на комуникација не доликува на земји-членки на НАТО.

– Македонскиот јазик, македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговори, ниту политички препукувања нема да ја сменат таа реалност. Меѓутоа можеме да направиме подобра иднина за нашите народи и да создадеме повеќе шанси за нашите млади. Ние така ја гледаме нашата задача, изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста по повод промоцијата на потпоручници и заклетвата на питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Таа потенцира дека ќе продолжи да ги испраќа истите пораки што се испраќани изминатите години, а тоа, како што подвлече, дека „нашите граѓани не плаќаат и очекуваат да им обезбедиме безбедност, а таа безбедност зависи од добрососедските односи“.

–  И затоа очекуваме Бугарија, која беше една од државите во регионот, која од самиот почеток ја поддржа нашата независност, но и нашето членство во НАТО и во ЕУ, тоа да го прави и сега, бидејќи пријателските народи македонскиот и бугарскиот можат да одат напред само ако меѓусебно се поддржуваат, рече министерката за одбрана Шекеринска.

На новинарско прашање за најавите на Пентагон за праќање оклопни возила на Балканот, Шекеринска одговори дека тие изјави само покажуваат дека претходните тези оти САД го губат интересот за Европа и не се веќе подготвени да инвестираат во трансатлантското партнерство не биле реални.

– Мислам дека ова го покажува и интересот на САД, но и интерсот на целиот северноатлантски регион да инвестира во зголемено воено присуство како порака дека безбедноста на секој сојузник е безбедност и на Алијансата, истакна Шекеринска.