Заев: Бугарија не бара промена на Уставот и решението не е преку нов договор

Бугарија не бара од Северна Македонија промена на Уставот и решението не е преку потпишување на нов договор. Ние веќе имаме договор и треба да ги решаваме прашањата преку заедничките комисии, изјави денеска премиерот Зоран Заевна новинарско прашање дали се размислува за нов договор меѓу Северна Македонија и Бугарија и дали Софија побарала промена на нашиот Устав.

-Договор ние веќе имаме. Тоа е Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Низ тој договор се решаваат историски поглавја што треба да бидат дел од нашето заедничко чествување низ кое ќе го градиме пријателството, а тоа е како дел од заедничката историја. Во договорот што е потпишан, потпишан е на македонси јазик и на бугарски јазик, се зборува за двата народа. Нашиот македонски јазик и македонски народ е впишан во ОН и признаен од целиот свет, заради тоа што се уште има дилема во наративот од пријателска Бугарија „ние ја признаваме реалноста за постоењето на акедонскиот јазик и македонскиот народ“. Очекувам исчекор и израз на огромно пријателство, тоа го чувствува бугарскиот народ спрема македонскиот народ, тоа го чувствува македонскиот народ спрема бугарскиот народ, очекувам јасен недвосмислен исказ за потврда на нашиот македонски јазик и македонски народ. Ниту има потреба, ниту држави признаваат идентитет, ниту држави се повикани да признаваат идентитет, рече Заев.

Најави дека во следниот период ќе продолжат разговорите на заедничката Комисија за историските прашања, изразувајќи охрабрување да продолжат со засилена динамика. Истакна дека право и обврска на заедничката Комисија помеѓу Северна Македонија и Бугарија да ги решаваат историските поглавја и историските личности заради определбата во договорот да преку нив заедно чествуваме и го зголемуваме пријателството помеѓу двете земји.

-Ја поздравувам уште еднаш работата на Комисијата, инвентивноста и меѓусебното разбирање и верувам дека ќе се изнајдат решенија на прашањата како што е следното Гоце Делчев и сите следни коишто ќе ги отворат. За една година имаме решенија за пет историски личности, во три историски периоди и тоа само по себе е потврда дека продолжуваме и понатаму да ги решаваме прашањата, токму во духот на пријателството, соработката и негувањето на добрососедските односи помеѓу двете земји. Вториот дел е на одлуката на Бугарија, таа е земја-членка на ЕУ и сите во декември, под раководство на германското претседателство, сите земји членки на ЕУ, треба да донесат одлука за првата меѓувладина конференција, оцени премиерот.

Изрази уверување дека Бугарија која и досега била голем поддржувач за нашите евроатлантски интеграции, ќе продолжи и во иднина да биде најголем поддржувач, бидејќи, како што кажа, во сите свои изјави бугарската страна тоа го потврдува.

-Верувам дека тоа ќе се случи во декември, но ако не се случи, тогаш треба да се знае дека се барало од нашата страна нешто што ние никако ниту смееме да разговараме, ниту би сакале да прифатиме. Но да оставиме простор да се разговара од страна на комисиите, дециден е Заев.

Повтори дека идентитетот е чувство и право на определба и секако е голема европска вредност.

-Очекувам бугарскиот народ преку сите свои претставници да има недвосмислено јасно потврдување на фактот на постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ затоа што пријателите, браќата тоа го прават. И не треба никојпат тоа да биде доведено во прашање. Впрочем, и како што слушам во изјавите и на Борисов и на другите дека тие ја прифаќаат реалноста за постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик и сакаат да дебатираат логично за историјата, за заедничкиот дел од историјата, за посебниот дел од историјата, но во духот на пријателството верувам дека ќе се изнаоѓаа решенија, повтори Заев.

Во врска со барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба за барањата на Бугарија, Заев рече дека нема потреба од лидерска средба, додавајќи дека со тоа само ќе се одмогне процесот на евроинтеграциите на Северна Македонија.

-Навистина не гледам потреба за лидерска средба за нешто што е работа на комисиите. Во моментов ЕУ подготвува прва Меѓувладина конференција каде што секоја од земјите има право да донесе одлука, солидарно и консензуално се носат одлуките. Првата Меѓувладина конференција значи и официјален старт на преговорите и спроведување на одлуката од март на Европскиот совет за почеток на преговорите. Истовремено, како што знаете, јас го предупредив нашиот македонски народ и стојам на тоа предупредување дека постои можност и да не се одржи првата Меѓувладина конференција. И сите знаеме зошто, заради тоа што можно е една земја пријател, сосед, брат да не даде позитивно светло, рече Заев.

Истакна дека Мицкоски досега ниту имал став, ниту во нешто одговорно се втурнал за да помогне на историскиот исчекор на нашата земја, ниту пак, како што рече, сега гледам нешто како потребно дека тој ќе го помогне тој процес.

-Процесот се води меѓу министерствата за надворешни работи, разговараат луѓето, тоа е институционално поставен процес и верувам дека ќе се изнајдат решенија. Можеме само да го одмогнеме процесот ако за вакви прашања свикуваме лидерски средби или за слични прашања заради тоа што тоа не е прашање за кое што треба лидерите да се натегаат, да се минираат, да се пренамагаат се со конечна цел да остане државата да тапка во место, уназадена и да не ги продолжува понатаму евроинтеграциските процеси, заклучи премиерот одговарајќи на новинарски прашања по меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“ што се одржува во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.