Гарантирањето на безбедноста и на сигурноста на нашите граѓани отсекогаш била и ќе остане приоритет за сите нас. Предизвиците се исти, се менуваат само начините како ќе се справуваме со нив. Илегалната миграција, организираниот криминал, трговијата со оружје, дрога, трговија со луѓе, борбата против корупцијата се на врвот на агендите на институциите со кои раководиме. Безбедносната агенда е релативно нова во портфолиото на Берлинскиот процес, односно само две години од нејзиното приклучување кон иницијативата во текот на претседавањето на Обединетото Кралство на Велика Британија ина Северна Ирска.
Ова денеска го потенцираше во своето излагање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е домаќин на конференцијата на министри за внатрешни работи на земјите од иницијативата „Берлински процес“, како и претставници на ЕУ, на тема „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“.
Спасовски, кој заедно со со министерот за внатрешни работи на Република Бугарија Христо Терзијски, копретседава со денешната конференција, посочи дека во последно време актуелни се прашањата за затворените граници, ограничување на личните слободи во корист на колетивната безбедност, дискусии за оправданоста за олабавувањето или зајакнувањето на мерките, а за сето ова, истакна, се дискутира и одлучува на национално ниво согласно механизмите за одлучување во секоја национална структура.
– За кусо време и за релативно бурен политички период во целиот период на Западен Балкан утврдивме јасен правец на дејствување и патека по кој, со што полека но сигурно регионот станува сопственик на процесите кои сака да ги воведе, а тоа е повеќе од очигледно со оглед на сите реформски постапки, добрососедски политики и иницијативи, затворање на децениските отворени прашања кои во изминатиот период се реализираа во нашите земји, рече Спасовски.
С.Македонија, подвлече тој, останува целосно посветена на европската агенда и продолжува со несмален интензитет и одговорна работа за реализација на сите активности кон европеизација на земјата и нејзино приближување до евроатлантските системи. Исто така, рече Спасовски, ќе настојуваме да останеме позитивен пример во одржувањето добрососедските односи, со креирање долгорочни партнерства за идните генерации.
Тој изрази задоволство од соработката и координацијата со Бугарија во однос на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес и истакна дека заедничкото организирање и претседавање на денешниот состанок се вистинки доказ дека со волја и посветеност може да се постигне многу дури и во услови на пандемија.
– Иднината на регионот е во ЕУ, а нашата одговорност е тоа да го реализираме, а заедно секогаш можеме повеќе, порача Спасовски.
Упати посебна благодарност до Германија од аспект на визионерската иницијатива за формирање на Берлинскиот процес како платформа за развој на регионалната соработка во Западен Балкан и неговата европска интеграција.
– Кога ќе стивне коронакризата, и ќе се соочиме со шансата и предизвикот одново да ги евалуираме и да ги оформиме нашите приоритети во однос на демократијата, општеството или комуникацијата, меѓусебната соработката ќе ни биде потребна повеќе од кога и да било порано. Основата за се понатаму и во нашата борба против криминалот и во меѓусебните односи и заедничкото функционирање, била и ќе остане способноста да се соработува на еднакво ниво за заедички цели дефинирани од сите нас. Интеграцијата во Европа не е само политички, економски и културен проект, туку и процес на учење ориентирано кон праксата на постојано заедничко практикување на трајните вредности на едно демократско општество, а тоа се владеење на правото, развиено граѓанско општество и бескомпромисно почитување на човковите права, потенцира министерот Спасовски
Министерот за внатрешни работи на Бугарија Христо Терзијски истакна дека ЕУ и Западен Балкан имаат заедничко наследстово и идина и тоа, подвлече, се точките за активност и меѓусебна соработка. Потсети дека бугарското претседавање со ЕУ во 2018 година го врати прашањето за земјите од Западен Балкан и нивната европска перспетива на дневниот ред на ЕУ.
– Исправени сме пред заеднички предизвици – организираниот криминал, миграцијата, борба против корупцијата. Тие имаат влијание врз сликата на безбедноота во цела Европа и затоа потребна е зголемена соработка и ангажираност на ЕУ и на земјите од Западен Балкан. Заедничката работа треба да се базира на доверба и принципиелност, порача министерот Терзијски.
За грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис, Берлинскиот процес е важен форум за промовирање на европската перспектива на Западен Балкан.
– Грција е особено заинтересирана да се унапреди економскиот раст, поврзаноста, безбедноста, како и помирувањето и добрососедските односи во ЈИЕ. Регионалната соработка е предуслов за сеопфатниот развој на ЈИЕ, како и за осврт на заедничките предизвици особено во текот на кризата со пандемијата, рече меѓу другото министерот Хрисохоидис.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи информира дека уште на почетокот, како што рече, со бугарските пријатели е разговарано и договорено да се работи на постигнување конкретни, практични и значајни резултати што би имале реално влијание во процесот на интеграција на регионот во ЕУ.
– Јас сум искрено задоволен од тоа што се постигнува, бидејќи процесот почна со агенда за инфраструктурно поврзување, се прошири со создавање на регионална економска зона, а двата проекта се всушност подготовка за пристапување. Мислам дека процесот го препозна силниот потенцијал на регионалната соработка која што се преточи во конкретни иницијативи, рече Османи.
Пандемијата, како што посочи, го наруши движењето и можностите и за лични средби, но воопшто не ја намали потребата за меѓусебна координација и изнаоѓање на заеднички решенија. Во овие времиња, подвлече Османи, и граѓаните бараат од нас засилена соработка со цел да ги ублажиме и здравствените, но и социоекономските последици, но и безбедносни последици што ги носи КОВИД -19.
– Самитот во Софија ќе биде вистинско место првпат да се промовира новиот економски план на регионот т.н. МАПРЕА 2 или повеќегодишниот Акциски план за создавање на заеднички регионален пазар чија цел е посилна економска интеграција на регионот и негова подготовка за влез на големиот внатрешен пазар на ЕУ. Воспоставуваме т.н. зелени коридори за непречено движење на примарните производи и следи нивно проширување и спојување со европските коридори. И ова е наш приоритет во насока на продлабочување на регионалната економска соработка, рече шефот на македонската дипломатија.
Тој изрази уверување дека денеска на овој состанок ќе се разговара и за иницијатива за регионален договор за слободно патување со лични карти, а информира и за плановите, да се донесе и декларација за спроведување на зелена агенда за Западен Балкан како приклучок кон тенденцијата на ЕУ за намалување на емисиите на штетни гасови и постигнување климатска неутралност до 2050 година.
– Како министри за внатрешни работи имате огромна одговорност во овие тешки времиња да најдете начини како да овозможите безбедно и сигурно, но исто така што е можно повеќе неограничено патување преку границите почитувајќи ги сите протоколи во согласност со епидемиолошката состојба во ЕУ, но и во нашиот регион. И уверен сум дека сите сме на ниво на оваа задача и наскоро заедно ќе го надминеме овој голем товар на нашето време, им порача Османи на учесниците на конференцијата.
Државниот секретар во Сојузното министерство за внатрешни работи и градежништво на Германија Стефен Мајерс потенцира дека неговата семја се посветила на зацврстување на врските меѓу ЕУ и Западен Балак и во таа насока заедничкото претседавање на Северна Макеоднија и бугарија со Берлинскиот процес претставува одличен пример за постигнување потесна соработка меѓу соседите. Тој информира дека на 23 октомври ќе се организира средба меѓу министрите од ЕУ и Западен Балкан на кој ќе се разговара за идната соработка на полето на безбедноста.
– Не треба да дозволиме Берлинскиот процес да стане повторување и преклопување со други иницијативи. Тој беше основан за да се подобри регионалната соработка во Западен Балакн и да се поддржи процесот на интерграција во ЕУ, рече Мајерс.
Според него, Берлинскиот процес претставува платформа за заедничка борба против заедничките предизвици, со партнери кои се подготвени да дадат поддршка кога тоа е потребно.
Во однос на полициската работа за време на пандемија, ја истакна потребата за повисоко ниво на меѓународна соработка и реципрочна размена на полициски информации, со меѓународните парнери, а тоа е потребно и во борбата против недозволената трговија со луѓе и сите недозволиви видови, под водство на ЕУРОПОЛ и ФРОНТЕКС.
Германија, подвлече Мајерс, ги поттикнува напорите за олеснување на движењето во регионот и за таа цел основно е идентификација на луѓето што се движат.
– Сојузното министерство за внатрешни работи на Германија во целост останува посветено на Берлинскиот процес, рече Мајерс.
На присутните на конференцијата им се обрати и амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Рејчел Галовеј, која меѓу другото истакна дека очекува позасилена координација и соработка во регионот и надвор од него, а Обединетото Кралство, подвлече, останува посветена на Западниот Балкан, европската безбеднсот и Берлсинскиот процес. Од суштинско значење, порача, е да се продолжи со заедничка работа на заедничктие закани, дури и во време на актуелните тешки предизвици.
Инаку, прв пат во историјата на претседавањето со Берлинскиот процес, годинава има заедничко копретседавање на земја членка на Европската Унија и на земја од регионот од Западен Балкан, што се перцепира како симбол за преземање на поголемо сопствеништво врз процесот од страна на регионот.
Берлинскиот процес, промовиран во 2014 како иницијатива на германската влада, е единствен процес на највисоко политичко ниво кој исклучиво се фокусира на шесте земји од Западниот Балкан, кои не се членки на Европската Унија и претставува поттик во подготвувањето на овие земји за идното членство во ЕУ, преку справување со некои од клучните структурни проблеми во регионот.