Стерјовски: Малцинствата во Албанија незадоволни од новиот Изборен законик

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски,  на денешната пленарна седница, во име на малцинствата изнесе, како што рече, незадоволство и разочарување од фактот што власта не го слушна нивниот глас при донесувањето на новиот Изборен законик, во кој бараа загарантирана застапеност во законодавниот дом.

-Го пренесувам, огромното разочарување на претставниците на малцинствата во нашата земја: Македонци, Грци, Власи, Роми, Срби, Црногорци, Египќани и Бошњаци кои очекуваа дека Изборната реформа ќе го регулира прашањето за застапеноста на малцинствата со загарантирани места во Парламентот. Тоа како неопходност, но и како обврска која произлегува од меѓународните конвенции за заштита на националните малцинства, како и од меѓународните стандарди кои се занимаваат со прашањето на малцинствата, со посебен акцент на нивното учество во политичките системи, рече Стерјовски.

Додаде дека актуелниот регионален пропорционален изборен систем, но и денешните предложени измени се дискриминирачки и апсолутно на штета на малцинствата и не гарантираат можност за претставување на малцинствата во Собранието на Република Албанија чии претставници живеат низ целата територија на државата.

Како што посочи во дискусијата Стерјовски, недостига вистинска политичка волја и доволна поддршка од општеството за поддршка на барањата за измени во одредбите на изборното законодавство за да се гарантира застапеност на малцинствата во Парламентот со загарантирани места „како што е во многу европски земји, кои имаат различни форми на застапеност на малцинства во парламентот и учество во политичкиот живот“.

-Малцинствата во Албанија се едно богатство за иднината на земјата. Имајќи ја предвид стратешката цел на нашата земја – интеграција во Европската унија и знаејќи дека еден од основните критериуми за членство е почитување на човековите и малцински права, треба да се преземат мерки и да се обезбедат позитивни одредби за да се гарантира учество на малцинствата во Парламентот, порача Стерјовски.

Оцени дека тоа би претставувал важен чекор за демократизација на општеството и државата.

Според нивните здруженија, во Албанија живеат над 1,1 милион припадници на малцинствата и тоа  од околу 150.000 Македонци, над 600.000 Грци, над 200.000 Роми и Египќани, над 70.000 Власи, 50.000 Срби и Црногорци, над 10.000 Бошњаци.