Владата утре на седница ќе ги разгледува препораките од Комисијата за заразни болести и ќе донесе одлука за ПСР-тестовите за патувања во регионот, сугестиите се позитивни, но само за неопходни патувања.
Во изјава за медиумите премиерот Зоран Заев рече дека Комисијата ќе ги даде своите аргументи пред Владата преку министерот Венко Филипче на редовната седница утре и Владата ќе донесе одлука.
-Не сакаме да бидеме изолирани од регионот, ако регионот е отворен, тогаш треба да бидеме и ние. Мала земја сме, поврзани сме со регионот за здравстевни искуства и во делот на економијата. Поприлично сме позитивни кога стручните луѓе од комисијата даваат сугестии, но секако тие ќе бидат патување – да, без ПСР, но само кога е најнеопходно, изјави Заев по настанот со кој беше одбележан Светскиот ден на наставниците.
Посочи дека се работи за регионална иницијатива, а регионот, како што рече, е мал со приближно исти бројки на заразени.
-Подоминантно е целиот фокус на секоја од земјите да биде на личната заштита отколку на колективното поврзување. Сите сме исплашени од бројките кои растат и сакаме да ги почитуваме стручните луѓе од здравството. Албанија, Косово и Црна Гора се веќе отворени, чекаме одгвор од Србија, Бугарија, додаде Заев.