Четврти сет мерки – 470 милиони за поддршка на граѓаните и стопанството

Преку нов пакет економски мерки вреден 470 милиони евра Владата ќе се обиде во третиот квартал од годинава да го спречи падот на БДП од вториот квартал и со зголемена економска активност и јавна потрошувачка да предизвика раст на БДП во четвртиот квартал и на тој начин да создаде предуслови за растот на економијата од 4,8 проценти во 2021 година што неодамна го најави министерот за финансии.

Со четвртиот пакет, кој има вкупно 31 мерка, како што вчера посочи премиерот Зоран Заев, не е заборавен никој, ни граѓаните ни стопанството за надминување на последиците од здравствено-економската криза. Пакетот мерки е директна поддршка за економската и социјална сигурност на граѓаните и поттикнување на приватната потрошувачка, а вниманието е насочено кон поддршка на работните места, на ранливите категории, невработените…

Прва мерка е продолжување на поддршката за исплата на плата во последните три месеци. Како што рече Заев таа ќе биде скалеста и ќе зависи од падот на приходот кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите, толку ќе биде поголема поддршката која ќе се движи од 14.500 денари до 21.776 денари. Со оваа мерка ќе бидат поддржани 250.000 работни места, а вредноста е 70 милиони евра.

Втората мерка е платежна картичка за поголема потрошувачка во износ од 6.000 денари, а ќе ја добијат 5.726 самохрани родители 182.271 пензионер со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, 520 самостојни уметници.., рече Заев, додавајќи дека ќе ја добијат и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Оваа мерка е наменета за 280.000 граѓани кои ќе бидат поддржани со 27,6 милиони евра, а платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а  поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици.

Меѓу мерките е и згоелмување на грејс период на бескаматните кредити од Ковид 1 линијата во траење од три месеци, нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, државна кредитна и царинска гаранција, дополнително одложување на отплата на кредити за компании, намалување на увозни давачки и на парафискални обврски, потоа поддршка на туристичките водичи, туристичките агенции, поддршка за туризмот преку враќање на туристичката такса за 2019 година во износ од два милиони евра, поддршка за угостителските објекти за организирање свадби, дикотеките, игротеките, уметниците, компании, занаетчии, земјоделци….

Како 31-ва мерка во овој пакет мерки е Викендот без ДДВ.

-Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари. Тие во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ. Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ, нагласи вчера премиерот Заев.

Вредноста на четвртиот пакет економски мерки, потенцира, изнесува 470 милиони евра и заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека една милијарда и 20 милиони евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација.

-Како и досега, креирањето на мерките од овој пакет беше направено максимално транспарентно и во целосно инклузивен процес во кој учествуваа стопанските комори, синдикалните организации и организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максималниот број на граѓани засегнати од кризата. Владата нема да запре тука со посветеноста во постојано дефинирање нови идеи и нови мерки за граѓаните. Најавувам дека веќе сме во процес на дефинирање нови интервенции за директна помош на различни целни групи во различни дејности. Постојано правиме пресметки и во периодот којшто следува ќе имаме нови вести за економски мерки – ова е кризна економија и постојано ќе бидеме на готовс да помагаме на граѓаните, вети Заев.

Парите за четвртиот сет мерки вреден 470 милони евра, како што рече, ќе бидат обезбедени од кратења на расходната ставка на Буџетот и додаде дека сите министри работат да ги скратат сите трошења што не се најитни и немаат никакво влијание во позитивно поддршка на стопанството во целиот овој период и дел се кредити.

-Имаме 100 милиони од ЕИБ, има од ЕУ, дел наши додавања, некаде вкупната рефлекција е 160 милиони евра од Буџетот, а сето друго е одложување аконтации, дел кредити. Водиме грижа и за јавниот долг и оваа година е таа што ја зборуваме од 2015 година, кога доспеваат најмногу наши обврски и враќање 1,147 милијарди евра. Редовно се сервисираат обврските и покрај тоа што враќањето се погоди и со ковид  кризата, но заедно со перформансите на министерот за финансии и сите министри правиме пакети кои се важни за поддршка на граѓаните, вработените и стопанствоот со цел да останат на нозе и заедно да го пребродиме овој период. Како земја со пониска задолженост се води грижа за кратењето на трошоците да биде така избалансирано за да можеме да бидеме подготвени и за периодот што доаѓа во 2021 година, рече Заев.

Според него, четвртиот пакет мерки нема да има сериозен импакт на зголемувањето на јавниот долг.

-Ниту можеме ниту сакаме во моментов да пресметаме колку четвртиот пакет на мерки ќе влијае, но дефинитивно нема да има сериозен импакт на зголемувањето на јавниот долг заради тоа што сите пресметки од Министерството за финансии и за време на техничката влада  и сега за време на новата Влада се прават комплетно за да се сервисираат сите доспевања на долговите на државата, сите расходни ставки на државата, па се прави кратење каде што е можно, а потоа се повлекува ново кредитно задолжување. Се движиме отприлика  на едно стабилно задолжување на државата со конечна цел да пребродиме квид кризата, порача Заев.

Прв приорите на светот, како што нагласи, е поддршка и помош, а потоа секако води и грижа колку ќе расте јавниот долг на секоја земја.

-Така се водиме и ние како и сите други земји. Немаме пресметки за процентуалното зголемување на јавниот долг од проста причина што истовремено се враќаат доспеани рати. Јавниот долг се пресметува од БДП, а БДП сигурно ќе го одржиме со ваквата помош на економијата што е предвидена во четвртиот сет на мерки. Тој може да биде одржлив и дај Боже да расте во третиот и посебно во четвртиот квартал во кој очекуваме раст на БДП. Ако порасне БДП на апсолутен износ јавниот долг паѓа, рече Заев.

Опозицијата, како што посочи, преку апелите што ги искажала во Парламентот била консултирана за четвртиот сет на мерки.

-Сето што тие апелираа мислам дека е вградено во мерките, ако не 100-процентно, тогаш едно 80 до 90 отсто е вградено. Заради тоа меѓудругото и е вака широка лепезата на мерки – вкупно 31. Оставив простор и во следниот период да разговараме. Паѓаат паметни предлози од сите без разлика дали се политички субјекти, коморите, работниците преку синдикатите, работодавачите, експертите, универзитетските професори и верувма дека слушајќи го гласот на сите општествени чинители ќе ја погодиме максимално работата за да поддржиме и помогнеме таму каде што најмногу треба, потенцира Заев.

Според лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, четвртиот пакет не само што е задоцнет и што нема да одговори соодветно на потребите на македонската економија и граѓаните, туку напротив дополнително ќе ја продлабочи и онака, како што вели, тешката состојба во државата.

-Кога веќе се прави четврт пакет на мерки треба да се види искуството од претходните три. А, тоа е поразително и се вика нови дополнителни најмалку 40 илјади невработени за пет месеци и минус речиси 13 отсто намалување на бруто домашниот производ, рекорден во вториот квартал. Токму затоа и четвртиот пакет на мерки е промашен обид да се дефукусира вниманието од вистинските проблеми, рече вчера Мицкоски на прес-конференција.

Нагласи дека и досегашните три пакети на мерки беа лошо насочени и недоволни за да ги амортизираат негативните ефекти од корона кризата.