Пендаровски учествува на 75. сесија на Генералното собрание на ОН

 Претседателот Стево Пендаровски ќе учествува на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, што започнува денеска, а поради пандемијата на КОВИД-19 оваа година сесијата се одвива виртуелно, без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Светската организација во Њујорк.

Пендаровски во петок преку видео-порака ќе се обрати на состанокот на високо ниво „SDG Moment 2020“, на кој е предвидено да биде разгледан напредокот на реализацијата на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации на глобално и на регионално ниво, во контекст на  пандемијата на КОВИД-19.

Предвидено е на состанокот да се вклучат 20 шефови на држави и влади. Пендаровски заедно со претседателот на Словенија, Борут Пахор е еден од двајцата шефови на држави и официјален претставник на Источноевропската група кој ќе земе учество на овој висок состанок.
В понеделник, на 21 септември, шефот на државата ќе се обрати на посебен настан на високо ниво, по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите Нации, што ќе се одржи на тема „Иднината што ја сакаме, Обединетите Нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“.
Пендаровски в среда, на 23 септември, преку видео-порака ќе се обрати на Генералната дебата во рамки на 75. Генерално Собрание на Обединетите Нации. Видео-пораката ќе биде емитувана во салата на Генералното Собрание на ОН, кадешто ќе бидат присутни претставници на секоја од земјите-членки. Темата на 75. сесија на Генералното Собрание на ОН е „Иднината што ја сакаме, Обединетите Нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот – соочување со КОВИД-19 преку ефективна мултилатерална акција“.
Следниот ден, на 1 октомври, Пендаровски ќе се обрати на состанокот на високо ниво по повод 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жените, што ќе се одржи на тема „Забрзување на реализацијата на родовата еднаквост и еманципирањето на сите жени и девојки“.