Заев од зоната „Речица и Новине“: Бизнисмените да инвестираат во атрактивна зона, државата ќе продолжи со поддршката

Бизнисмените од државата да инвестираат во зоната „Новине“ кумановско, порача денеска премиерот Зоран Заев, кој беше на увид во градежните работи кои се одвиваат во зоната придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, пратеникот Мартин Костовски и дел од бизнис заедницата од Куманово.

Зоната се наоѓа на атрактивна локација во непосредна близина на автопатот „Пријателство“ Е-75 кон Табановце, (во близина на село Речица) на само пет километри од српската граница.

Во индустриската зона чија површина е 64 хектари, со достапни 51 локација. Владата инвестираше 24 милиони денари во подземна инфраструктура, а денеска почна изградбата на главниот пат со средства во износ од три милиони денари, заштедени по пат на јавни набавки. Примарната инфраструктура им овозможува на бизнисмените да купат парцела во уредена зона, а општината може да очекува развој преку инвестициите на бизнисмените.

– Првата порака што сакам да ја испратам до кумановци, до целиот регион, деловните луѓе да не ја пропуштат оваа можност и да купат своја парцела овде, којашто секако е со поволни цени и по пат на јавна аукција и да почнат да ги градат своите идни производствени капацитети. Отворена е за сите други бизнисмени од Скопје, од целиот регион, од цела Република Северна Македонија, веројатно и странски инвестиции очекувам да се јават овде, затоа што коридорот 10, корисодот 8 буквално се вкрстуваат тука. Верувам дека ова не е само геостратегисти важно на ниво на држава, ова е за целиот регион и верувам за Југоисточна Европа и претставува зона од непроценлива вредност за идниот развој-изјави премиерот.

Тој најави дополнителна поддршка за општина Куманово и плановите кои се однесуваат за развој на зоната, но и за други проекти кои ќе произлезат од претставниците на општината во Владата, Собранието, локалната власт, преку средби со стопанските комори.

– Доаѓа добро време, иако кризата е пред нас сè уште, иако следува есента и зимата, навремените мерки околу реализација на идните бизнис активности се навистина секој пат можеби и одлучувачки за профитабилноста и за доброто економско поставување на секој субјект. Јас сакам да испратам порака до сите, навистина да ја искористат оваа можност да на оваа неповторлива индустриска зона овде во државата, да можат да развијат свои деловни активности-повика премиерот.

Државата, рече премиерот, ќе продолжи со поддршката, други мерки, оние кои инвестираат во технолошко индустриските зони да добијат поддршка и до 50 проценти, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, фондот за иновации и технолошки развој. Премиерот најави дека ќе се развијат и други алатки кои ќе им помогнат на бизнисмените, истакнувајќи дека државата и владините институции се тука да помогнат и да охрабрат инвестициски активности.

– Јас верувам дека е можност за секој да влезе, државата да го помогне, да повлече кредити, сопствени средства и да развие свој бизнис и деловна активност, токму тука во оваа зона-рече премиерот.

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, информираше дека новата зона има подземна инфраструктура, пристапен пат, прва, линија за напојување на парцелите.

– Во постапка и јавно наддавање, заштедени се повеќе од три милиони денари кои денеска се инвестираат во зоната-рече Димитриевски и најави дека општината со поддршка на Владата ќе продолжи да инвестира.

Во овој период се подготвува план за да се дадат парцелите на јавно наддавање. Средствата што ќе се обезбедат од продажбата ќе се реинвестираат во зоната. Димитриевски се заблагодари на инвеститорите кои веќе купиле парцели и ги повика останатите да инвестираат во зоната.