Лавина реакции од македонски официјални претставници предизвика вчера изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, ако Мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прашања. Главно сите сметаат дека ќе се изнајде заедничко решение со Бугарија, во духот на пријателството и со почитување на Договорот за добрососедство.
Премиерот Зоран Заев во гостувањето на Националниот сервис изрази уверување дека ќе се изнајде решение со Бугарија и оти двете страни ќе излезат победници и дека историјата е важна, но таа треба да биде појдовна основа за иднината.
-Покажавме дека имаме капацитет за решавање на прашањата. Решивме три поглавја, пет историски личности наназад, шестата историска личност Гоце Делчев. Дали е Заев и Борисов дали е било кој понатаму, ако едната страна добива само нема иднина. Решенијата ги најдовме за крупните прашања. Имаме архиви, ќе седнеме ќе ги извадиме транспарентно и јавно. Важна е историјата, но треба да биде појдовна основа за иднината. Ќе најдеме решение. Треба да излеземе двете страни победници, рече Заев.
Изрази уверување дека во периодот што претстои брзо ќе се изнајде решение со Бугарија.
-Испраќам порака спрема соседна Бугарија дека сме спремни да влеземе и преку прашањето за Гоце Делчев. Ако ние останеме повредени, тоа не е пријателство. Верувам ќе најдеме со пријателска Република Бугарија решение, подвлече Заев.
Прашан дали можеме да прифатиме дека Гоце Делчев бил Бугарин се со цел да влеземе во ЕУ, Заев вели дека не треба да дозволиме да има блокади.
-Треба со пријателите пријателски и верувам дека ќе изнајдеме решение. Со тоа што вие го кажавте Бугарија добива. Треба двете страни да бидат среќни. Не да биде поразена Бугарија, ниту Северна Македонија, и Македонците кои зборуваат македонски јазик. Немаат проблем со оваа работа. Нема дилеми, зборуваат многу често за македонскиот јазик. Пријатели сме ќе најдеме решение, рече Заев.
На новинарско прашање што сепак ако не се дојде до договор со Бугарија, Заев изрази уверување оти ќе има договор.
Каракачанов вчера кажа дека македонската дипломатија веќе три години откако е потпишан Договорот за добрососедство одбегнува решавање на проблемите и очекува ЕУ да застане во одбрана. Според официјална Софија, македонската страна ги избегнува состаноците на историчарите за да не се соочи со решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека нема желба да води искрен дијалог.
– Минатата година во ноември месец, пред десет месеци ја стопиравте работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Ние сме го кажале тоа сто пати во последните десет месеци, дека ако не се постигне согласност по тие прашања Бугарија ќе возврати на првата меѓувладина конференција, додека прашањата не бидат исчистени. Тоа е позицијата на Бугарија. И тоа е многу јасно во Скопје, изјави Каракачанов.
На прашањето, дали тоа значи дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција, Каракачанов директно одговара: „Се разбира“.
Каракачанов не сакаше да каже дали Бугарија ќе продолжи да го проблематизира македонскиот јазик пред усвојувањето на преговарачката рамка. Според него, проблемот е во Скопје, а не во Софија. Каракачанов порачува дека никој од ЕУ не може да притисне и да и укаже на Бугарија да ја промени позицијата и не може само едната страна да прави компромиси, а другата да прави што сака.
На изјава на Каракачанов вчера реагираше и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој нагласи дека договорот за пријателство со соседна Бугарија зборува за заедничката историја што ги поврзува двата народа и оти во 21 век во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување не може да биде спорно.
Димитров за РСЕ рече дека имајќи ја предвид визијата за заедничка европска иднина како блиски народи и соседи, убеден е дека со заеднички сили треба да се работи на решенија кои ќе обезбедуваат почит и достоинство за двете страни.
-Тоа е одговорна и зрела политика, тоа се европските вредности. Изјави што може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите не помагаат. Историјата ќе не’ памети според тоа како сме се однесувале кон иднината, наведува Димитров.
Министерството за надворешни работи излезе со официјален став дека Република Северна Македонија како и досега, ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ контекст, при што клучната порака ќе биде дека беше започнат исклучително важен и сложен процес на дијалог кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави.
МНР нагласува дека во оваа смисла почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси.
-Европските интеграции на целиот регион, претставуваат интерес на двете земји и тоа било постојано потенцирано од страна на официјалните претставниците на двете земји. Република Бугарија и досега ги подржувала европските и евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија и очекуваме оваа поддршка да продолжи и во иднина, потенцира МНР.
Додава дека за сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е токму рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историски прашања кои ги оптоваруваат односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија децении наназад.
-На неговата имплементација, која е двострана обврска за двете држави, остануваме и натаму целосно посветени во добра волја, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Претседателот на македонскиот тим во македонско-бугарската Заедничка комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, пак, порача дека како ќе течат натаму разговорите и дали ќе дојде до решение зависи од конструктивноста на двете страни.
– Комисијата не е политичко, туку академско тело и работи во духот на научните начела. Ултимативните политички изјави се контрапродуктивни, создаваат тензија, притисок и недоверба, рече Ѓоргиев за Канал 5.
Во меѓувреме, дипломатите на земјите членки на ЕУ се состанаа во средата, за да разговараат за нацрт-преговарачката рамка за Македонија. Продолжението на дискусијата на техничко ниво во ЕУ треба да продолжи денеска.
Македонскиот државен врв во повеќе наврати јавно го изнесуваше ставот дека не очекува Бугарија да го блокира стартот на преговорите со ЕУ. Официјално Скопје очекува наскоро да биде објавена преговарачката рамка, а меѓувладината конференција за почеток на пристапните преговори со ЕУ да се случи до крајот на годинава.