ВМРО-ДПМНЕ: Да се повлече Националната годишна програма на Министерството за култура за 2018

Националната годишна програма за култура за 2018-та, потпишана од министерот Роберт Алаѓозовски, во музејската дејност и во заштитата на нематеријалното културно наследство ја покажува целата непрофесионалност кој владее во ова министерство.

Национални установи – музеи, се маргинализирани, безмалку сите се со намалени буџети од претходната година, а на нивна сметка се афирмираат анонимни здрженија за кои јавноста ништо не слушнала, или пак за нив има оскудни информации.

Замислете!

За Националната установа Музеј на Македонската борба за државност и самостојност кој опфаќа богати и значајни поставки од историјата на македонскиот народ и неговата борба за државност, музеј кој што е посетен од стотици илјади посетители од 80-тина земји, музеј во кој што се организираат од 150 до 200 настани во годината, од кои триесетина се во негова организација, Министерството одвоило само 220.000 денари. Овој Музеј, кој е полноправна членка на меѓународни асоцијации, кој има воспоставено плодна соработка со многу балкански и европски сродни институции и кој за 7 години постоење има добиено две високи интернационални признанија, од Министерството за култура, предводено од Алаѓозовски е валоризиран само со 220.000 денари. Од друга страна пак, анонимни здрженија на граѓани добиваат по два, три или пет пати повеќе средства за своите активности. На пример, Здружението за спорт, култура и, внимавајте, екологија СОЛЕИНА – ТЕТОВО од Министерството за култура поддржано е со вкупно 600.000 денари за Промотивен караван на Мал музеј на Зекирија Алији и Евиденција на истите музејски експонати. Мултиетничкото здружение за култура и уметност КОМБАЈН АРТ КОЛЕКТИВ-ТЕТОВО добило 300.000 денари за експериментално – едукативна филмска работилница. Здружението за развој на општеството и, внимавајте, животна средина АКТА НОН ВЕРБА – СКОПЈЕ за Монографија на документи, фотографии и сведоштва за албанските католички семејства во Скопје поддржано е со 600.000 денари.

Очигледно, во Министерството за култура нема доволно средства за Музејот кој ја промовира борбата за државност и самостојност на Македонија, заедничката татковина на сите, ама затоа има три пати повеќе средства за промотивен караван и евиденција на музејските експонати на Мал музеј на Зекирија Алији.

Почитувани,

За грижата и заштитата на нематеријалното културно наследство на Министерството за култура ќе ви посочиме два примери. Здружението ЕДНАКВИ ЗА СИТЕ – КОЧАНИ за афирмација и одржување на македонската култура на традиционалните обичаи на православна крштевка во Македонија е поддржано со 450.000 денари. Здружението ДРИТА АГБ ГОСТИВАР за афирмација и одржливост на албанската култура преку промоција на традиционалните обичаи на албански сунет во Македонија добило 500 илјади денари.

Да не должиме со уште примери, ВМРО-ДПМНЕ ги поставува следните прашања:

1. Под кои критериуми Министерството за култура ги избрало членовите на комисијата за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство?!

2. Дали членовите на комисијата се носители на некои од проектите што ги одобрила комисијата?!

3. Дали претседателот на Комисијата за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, Мила Шурбановска е носител и раководител на проектот Археолошки истражувања на локалитетот Стакина чешма – Бакновка, проект на Националната установа Археолошки музеј Скопје, за чија реализација комисијата доделила 200.000 денари?!

4. Како и според кои критериуми Комисијата за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство проценила дека за Елаборат за валоризација на двогласното албанско полифоно пеење од Кичевскиот регион, проект на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците –Скопје доделила 150.000 денари, иако Институтот побарал 130.000 денари, а за Елаборат за валоризација на традиционалното Влашко пеење во Република Македонија, проект на Институтот за фолклор Марко Цепенков од Скопје доделила само, внимавајте, 20.000 денари?!

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ, поради недобројливите пропусти, на што секој ден реагира македонската културна јавност од сите дејности во културата, ВМРО-ДПМНЕ бара под итно да биде повлечена Националната годишна програма на Министерството за култура за 2018-та. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ, поради изготвување и објавување на ваква скандалозна годишна програма, очекува од Министерот за култура да понесе полна морална и политичка одговорност!