Унапредување на севкупната соработка меѓу Република С. Македонија и Украина, особено на економски план имајќи го предвид потенцијалот што договорот за слободна трговија меѓу двете држави го нуди, била една од темите на разговор меѓу претседателот Стево Пендаровски и украинската амбасадорка, Наталија Задорожњук.
На денешната средба, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се разговарало за актуелните случувања во двете држави, во контекст на состојбата со пандемијата на КОВИД-19, како и за мерките што се преземаат за надминување на последиците на здравствен, економски и на социјален план.
Двајцата соговорници размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, како и за потенцијалите за нивно унапредување. Политичките односи меѓу двете земји, било оценето на средбата, ги карактеризира дух на пријателство, доверба, како и соработка во повеќе области од заемен интерес.
На средбата амбасадорката Задорожњук на претседателот Пендаровски му ја предала честитката од украинскиот претседател Володимир Зеленскиј по повод 8 Септември, Денот на независноста.
-Ваша Екселенцијо!
Примете ги моите искрени честитки во име на народот на Украина и од мое лично име по повод Денот на независноста на Република С. Македонија.
Ги ценам традиционално пријателските односи меѓу нашите држави и сум благодарен за поддршката на С. Македонија на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Убеден сум дека заедничките приоритети на европската и евроатлантската интеграција се солидна основа за ефективно реализирање на постојниот потенцијал на нашата билатерална соработка.
Користејќи ја оваа пријатна прилика, Ви посакувам, Ваша Екселенцијо, добро здравје и успеси во одговорните државни активности, а на пријателскиот народ на С.Македонија – мир и хармонија., пишува Володимир Зеленскиј во честитката до Пендаровски.