Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели во Истанбул е добитник на наградата „Најдобар пример за бизнис жена во Југоисточна Европа“.
На форумот, како што соопшти Сојузот на стопански комори, има вкупно шест добитници од целиот свет, а покрај Арсовска наградени се претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, Баласз Ракози, државен секретар на Министерство за национална економија на Унгарија и лидер на делегација на Вишеградската четворка, Даун Хетзел од САД, претседател на ЈСК, Филипе Араујо, вицеградоначалник на Порто, Потугалија.
– Жените сочинуваат 50.8 отсто од популација, 60 отсто од нив завршуваат додипломски студии, а 44 отсто се магистри по бизнис и менаџмент. Сепак овие бројки не се рефлектираат на силни позиции во менаџментот, но постојат личности кои ја менуваат оваа пракса, една од нив е Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, совршен пример за жена во бизнис светот, изјави претседателот на глобалната организација „Светски инвестициски форум на бизнис ангели – Турција“ Бајбарс Алтунташ на доделувањето на наградата.
За време на тридневниот форум, Арсовска ќе биде и специјален говорник на „Самитот за влијанието на инвестициите“ со фокус на „Влијанието на жените лидери во процесот на инвестирање со добивка“.
Светскиот конгрес на бизнис ангели 2018 е домаќин на повеќе од 1.200 делегати од над 70 држави од целиот свет. Организирани се пет различни самити на значајни економски теми на кои дискутираат еминентни личности од политиката, бизнисот, науката, коорпоративната елита. Целта на Светскиот форум на бизнис ангели е поврзување на бизнис ангелите, менаџерите на фондови, на берзи, извршни директори на коорпорации во насока на размена на најновите информации за движењето на капиталот и паметно инвестирање.