– Владата на Република С. Македонија денеска напладне во свечената сала ќе ја одржи првата конститутивна седница.
На денешната владина седница, како што најави премиерот Зоран Заев, ќе се расправа за градинките и за прашањето за платите во културата, а најверојатно ќе се задолжи економскиот тим на Владата да започне со постапките за новите антикризни мерки.
Ќе бидат донесени и одлуки кои дефинираат во посебни околности да се реорганизира наставата, по што се очекува министерката за образование Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче да ги објават деталите на прес-конференција во Владата.
Заев најави и дека на денешната или на седницата планирана за в четврток треба да биде сменет Деловникот за работа на Владата затоа што е воспоставен систем на прв заменик претседател на Владата и тројца вицепремиери и со него ќе се прецизираат нивните надлежности.
– Треба да направиме точно разграничување дека во отуство на премиерот, првиот заменик претседател на Владата го заменува во делокругот на надлежностите, но секој од замениците претседатели на Владата е одговорен во одредена област, односно трите столбни комисии на Владата ќе ги водат токму трите потретседатели на Владата. Комисијата за политички систем ќе ја води првиот заменик претседател на Владата, Комисијата за човечки ресурски и одржлив развој ќе ја води потпретседателот Љупчо Николовски и Комисијата за економски систем ќе ја води потпретседателот Фатмир Битиќи, кажа Заев на денешното одбележување една година работа на Агенцијата за национална безбедност.
Тој посочи дека следува и процес на консултации за екипирање на институциите – заменици министри, државни секретари, а паралелно се поставува и кабинетот на советници на премиерот.