Друштвото на писателите на Македонија денеска организираше трибина во чест на 90 години од раѓањето и 60 години членство во ДПМ на академик Милан Ѓурчинов.
Претседателот на ДПМ Веле Смилевски му врачи Повелба за шестдецениското членство, за која Ѓурчинов рече дека е неочекуван и необичен чин со оглед на неговата професија и фактот дека критичарите, како што рече, не се најомилени претставници на една литература, а најмалку во сопствената.
Работениот век Ѓурчинов го помина како професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше шеф на катедрата за славистика и покренувач и раководител на катедрата за компаративна книжевност. Во еден мандат бил и претседател на ДПМ. Првин почнал да се занимава со следење на светската литература, а од 1951 со македонската и оттогаш, рече, таа е негова главна преокупација.
– Секогаш сум се сфаќал како национален критичар и ако нешто сум помогнал во литературата, тоа е мојот придонес во нејзиниот развој. Не кријам дека сум за големи промени во македонската литература. Не сакам неа да ја именуваат како мала, провинцијална како што се зборува за малите народи и нивните литератури.. Не за застарена и анахронична, туку за литература која рамноправно ќе се носи со другите литератури, рече Ѓурчинов.
Повика да се актуелизира прашањето за непостоењето на книжевната критика зашто повеќе нема весници каде што таа може да се објави, а исто така и да се разграничат вистинските книжевни критичари од „пишувачите“ кои пишуваат критики зашто, рече, не може сите да се стават во ист ред.
– Ситуацијата е многу критична во однос на критиката и треба да поразговараме што може да се стори таа ситуација да се промени на добро и оние критериуми и вредносни ориентации за кои јас и моите колеги се залагавме на времето да надвладеат и македонската литература повторно да биде литература на која ќе се смета и не ќе може да се заобиколи, истакна Ѓурчинов.
За неговото творештво на трибината зборуваа академик Влада Урошевиќ и универзитетските професори Елизабета Шелева, Лидија Капушевска Дракулевска, Соња Стојменска Елзесер и Димитрија Ристевски.
Урошевиќ рече дека ставот на Ѓурчинов: „Уметноста мора да биде верна на себеси, таа не е ничија слугинка“, објавен во текст од 1954 година, бил клучна борбена парола на македонскиот модернизам и дека деценијата 1954-1964 бил најплоден период на неговата критичарска дејност кога Ѓурчинов, како што рече, го фалел новото и ги укорувал жестоко конзервативните сили што влечеле назад.
– Во тие десет години, тој беше најборбен, најхрабар и највлијателен книжевен критичар кај нас, рече Урошевиќ, зборувајќи за фазите во критичарската дејност на Милан Ѓурчинов.