Во Министерството за внатрешни работи досегашниот министер Агим Нухиу денеска ја предаде должноста на новоименуваниот прв човек на овој ресор Оливер Спасовски.
Министерот Спасовски му се заблагодарил на Нухиу за неговиот досегашен ангажман во МВР и најавил продолжување на реформите што почнаа во неговиоот претходен мандат како министер за внатрешни работи, како и продолжување на опремувањето на полицијата, се со цел подобрување на работењето на полицијата во служба на граѓаните.
Спасовски, кој до вчера беше технички премиер, повторно се враќа на министерското место во МВР, функција што ја извршуваше до неговото назначување на претседател на техничката влада.
Тој во јануари дојде на чело на преодната влада чија задача според Пржинскиот договор беше да ги организира предвремените парламентрани избори кои првично беа закажани на 12 април, но беа одложени поради крона кризата.
Нухиу, пак, ја извршуваше функцијата министер за вантрешни работи од средината на јули по објавувањето на конечните резултати од парламентраните избори со што истече мандатот на дотогашниот технички министер, Наќе Чулев.