Изборот на Владата закажан за во сабота

Собранието на Република Северна Македонија за 29 август (сабота) ја закажа 10-тата седница на која треба да биде избрана Владата на мандатарот Зоран Заев, кој денеска до претседателот на Парламентот Талат Џафери ја достави програмата за работа и предлогот за состав на  Влада.

Заев денеска рече дека новата Влада ќе биде стабилна, ефиканса и одговорноа влада која ќе ги гарантира стратешките определби односно членство во НАТО и ЕУ, добри меѓусосетски односи, справување со корона кризата, нова енергија и подинамичен економски раст, како и ефикасна правна држава, модерно образование и стабилни институции.

-Со мене денеска се 19 министри и министерки. Сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред секој ден, секој час, дека ќе работиме уште повеќе и уште подобро и дека ќе побараме од секој од вас, од секој граѓанин уште поголемо учество, рече Заев.

Според него, програмата за работа на Владата во целост ја отсликува  посветеноста на сите политички партии кои се дел од коалицијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, темелно прочистување на судството и проверка на потеклото на имот и пари на сите функционери.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ ќе биде Јетон Шаќири.

Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.