Констатирани оставките од пратеничките места на идните министри и верификувани мандатите на новите пратеници

По повеќе од 12 часа со паузи доцна вечерва Собранието ги констатираше оставките од пратеници на идните министри и ги верификуваше мандатите на новите пратеници.

За секоја оставка и верификација на мандатот на новиот пратеник беше одржана посебна седница. Седниците се одржаа без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,  пратениците од Левица,  кои ја напуштија собраниската сала со образложение дека процедурата е неделовничка и оти Верификационата комисија нема мандат да решава. Според нив, верификацијата се врши врз основа на извештај на ДИК, а по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а не по предлог на Верификационата комисија.

Ваквиот потег на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ го оцени како обид да се создаде ситуација во која нема да може да се верификуваат мандатите на идните пратеници што би значело нефункционално собрание и нова криза.

Доцна попладнето собраниската сала ја напуштија и пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива со барање верификацијата на мандатите да продолжи утре во 9 часот.

На почетокот на денешната работа, Собранието ја констатираше и оставката на Флорин Бесими, брат на Фатмир Бесими кој пак е предложен да го води ресорот финансии. На местото на Флорин Бесими, во Собранието беше верификуван мандатот на Бедри Фазлиу.