Образованието со сите аспекти беше во фокусот на денешната прва неформална заедничка средба, што ја организираше Институт за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).
Потпретседателот на СДСМ и поранешен министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски изјави дека ние сме пред голем предизвик во справување со здравствената криза, не само во образованието, туку и во функционирањето на сите институции, како во Собранието, каде мора да се предвиди нов начин на работа, протоколи и начин на одлучување…
Во придобивките од дигитализација, Манчевски посочи дека сме едни од лидерите во Европа и имаме електронски регистар на население, а следниот предизвик, како што рече, е да се користи од сите институции и да не бараат од луѓето разни документи, физички.
Во однос на образовниот процес, Манчевски потсети дека Владата веќе ги објави плановите дека наставата ќе одвива онлајн со исклучок на децата од прво до трето одделение и има одредени други исклучоци.
– Предвидени се сите ситуации. Платформата која ќе се користи за онлајн настава е подготвена и не е проблем. Од аспект на опрема и опременост на ученици и наставниците, тоа е проблемот кој во моментов се решава, рече Манчевски. Објасни дека наставниците треба да одат на своите работни места, во училиштата, и на истиот начин на кој ја вршат својата работа, сега ќе ја вршат преку камера, а остатокот е начин на комуникација, размена на документи. Нашето ниво на подготвеност, како што рече, е прилично слично и со останатите европски и светски земји.
Одговарајќи на новинарско прашање, Манчевски рече дека работат на механизам со кој ќе се обезбеди и уред за следење на наставата за оние деца што немаат, примарно за децата од социјално загрозени семејства. Најави дека ќе има такво решение. За децата од руралните средини, повтори дека според протоколите, секаде каде што има услови ќе се изведува настава, онаму каде има физички услови за тоа.
Пратеникот во Собранието и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски смета дека доста сме назад во процесите кои подразбираат инвестиции во технолошка инфраструктура, инвестиции во знаења и вештини поврзани со дигитализацијата и уште многу треба да се направи во земјава за да се достигнат барем некои основни стандарди.
– Најголем предизвик е што ќе се случува со образовниот процес. На една недела од почетокот на учебната година, блиску сме на почеток на академската година, а се уште нема направено конкретен план и стратегија како ќе изгледаат тие процеси. Инвестицијата во дигитализацијата требаше да се случува во периодот кој помина, а не сега ад хок да се решаваат проблемите, рече Муцунски. Додаде дека ќе требаат многу идеи и инвестиции во следниот период за младите да имаат квалитетен наставен процес.
Според него, Владата треба да ги слушне критиките и предлозите и да се изгради соодветна стратегија како напред. – Во оваа ситуцаија во која се наоѓаме во моментов, постои огромен ризик ние да имаме дебакл во нашиот образовен систем за една недела, веќе од денеска, рече Муцунски.
Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП изјави дека Манчевски и Муцунски како политичари во претходната кампања успеаја и ја ставија дигитализацијата високо на агендата како тема која, како што рече, е многу важна за граѓаните и сите не засега. Според него, за време на коронавирусот сите увидовме кои се предностите да се учи, да се студира, да се работи од дома, да се вршат услуги од дома…
– Во ера на коронавирус многу важно е да шириме два други позитивни вируса, едниот е позитивна политичка комуникација која ќе се базира на дебата и разлики, пред се дебата на аргументи. Втората работата е посветување на приоритетите и фокусот на сите граѓани, а една од нив е токму дигитализацијата, рече Кордалов.
Одговарајќи на новинарско прашање, Кордалов рече дека ќе ги остави надлежните да се произнесат за онлајн наставата. Според него, доцниме со дигитализацијата на образованието и тешка е борбата која ги чека институициите во оваа сфера. Изрази надеж дека ќе има успешен и квалитетен образовен процес.