Лешочкиот манастир се подготвува за празникот Голема Богородица, но апелира за почитување на мерките за заштита од Ковид-19

Лешочкиот манастирски комплекс „Пресвета Богородица и свети Атанасиј Велики“ ги започна подготовките за одбележување на манастирската слава Успение на Пресвета Богородица, која досега претставуваше најмасовен посетен црковно народен собир, но поради пандемијата од таму потенцираат дека мора да се одржува според протоколите и мерките за заштита од Ковид-19.

Од манастирот испратија посебно известување до верниците во кое повикуваат на задолжително придржување на мерките за превенција од ширење на коронавирусот i информираат дека нема да ги има досегашните официјални приеми, нема да биде приреден манастирски ручек и нема да има ни надворешни штандови за продавање на разни производи.

-Апелираме до сите наши верници строго да се придржуваат до мерките за заштита донесени од страна на Комисијата за заразни болести со цел да го спречиме ширењето на ова подмолно искушение и за да го заштитиме сопственото здравје, но и здравјето на нашите ближни роднини и пријатели. Аналогно на ова со оглед на моменталната ситуација, ги известуваме сите верници, кои сакаат да дојдат во манастирот за да ѝ се помолат и за да ѝ оддадат чест на Пресвета Богородица, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките за спречување и ширење на вирусот, што подразбира задолжително носење на заштитна опрема (маска, шал, марама и друго) и задолжително држење на физичко растојание од 1,5 метри, велат од манастирската управа.

Оттаму потенцираат дека ќе ги запазат сите мерки и протоколи како организатори.

-Грижејќи се за духовното, но и за телесното здравје на своите верници, како и до сега така и за претстојниот празник, надлежната Тетовско-гостиварска епархија и настојателството на Лешочкиот манастир ќе ги преземат и спроведат сите мерки согласно законските правила и услови донесени од надлежните институции за заштита од вирусот. Се надеваме дека нашите верници ова наше известување и воедно апел за заштита сериозно ќе го прифатат и дека совесно ќе ги применуваат заштитните мерки, кои ни се дадени за наше добро. Нека пресветата Богомајка нè заштитува сите под нејзиниот мајчински омофор и по нејзините молитви, семилостивиот Бог да нè сочува здрави и живи уште долги години, соопштуваат од манастирот.

Големиот празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, во Лешочкиот манастир претставува централната прослава на овој празник и воедно одбележувањето на манастирската слава.

На 27 август (четврток) 2020 година – со почеток во 16 часот ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба, и на 28 август (петок) 2020 година – со почеток во 7 часот ќе започне утринска богослужба, а Светата архијерејска литургија ќе започне во 8 часот, известуваат од манастирот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *