Џафери денеска треба да биде избран за претседател и на новиот парламентарен состав

Претседавачот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да свика продолжение на конститутивната седница на која би требало да биде избран претседател на законодавниот дом.

Според договорот меѓу СДСМ и ДУИ за владина коалиција и за парламентарно мнозинство, претседател и на новиот собраниски состав ќе биде Талат Џафери, кој и досега беше на оваа функција.

Изборот на Џафери за денеска го најави лидерот на ДУИ Али Ахмети по синоќешниот состанок на Централниот совет на партијата на кој беше потврден коалицискиот договор со СДСМ и беа објавени имињата на кандидатите за министри во новата влада.

Се очекува предлогот за избор на Џафери за собраниски спикер да биде поднесен во Парламентот со потписи од 20 пратеници.

Претседателот на Собранието се избира со најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници.

Со изборот на собранискиот спикер, првпат треба да се потврди новото парламентарно мнозинство, што  го сочинуваат 62 пратеника – 46 на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, 15 на ДУИ и еден на ДПА.

По изборот, претседателот на Собранието во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев.