Највисоките раководства на СДСМ и ДУМ синоќа на седници го поддржаа договрот за формирање ново парламентрано мнозинство и коалициска влада со четиригодишен мандат и ги утврдија кандидатите во владиниот кабинет, што ќе го предводи мандатарот Зоран Заев.
Во новата влада наместо 26, како досега, ќе има 19 министри или седум помалку.
Од редовите на СДСМ министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, за одбрана Радмила Шекеринска, а за правда Бојан Маричиќ. Благој Бочварски ќе раководи со Министерство за транспорт и врски, Јагода Шахпаска со ресорот за труд и социјална политика, а Ирена Стефовска ќе биде нов министер за култура.
Венко Филипче останува министер за здравство, Мила Царовска ќе раководи со Министерство за образование и наука, а досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања. Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата.
Министерот за локална самоуправа ќе бидат познат дополнително и ќе биде од редовите на ЛДП, додека БЕСА го доби ресорот земјоделство, а својот кандидат требаше да го утврди на вечерашниот состанок на Централниот совет.
Од редовите на ДУИ, Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи за надворешна работи, Крешник Бектеши за економија, а Насер Нуредини за животната средина и просторно планирање. Останува да се утврди уште кандидатот за министер за информатичко општество и администрација, кој исто така ќе биде кадар на ДУИ.
По седницата на ЦО на СДСМ, мандатарот и партискиот лидер Зоран Заев рече дека приоритети на новата Влада ќе бидат економијата, судските реформи, капиталните инфраструктурни проекти, животната средина и вложувањата во здравството, а ќе продолжи имплементацијата на договорите со Грција и Бугарија, како и Охридскиот рамковен договор.
– Имавме доволно големина и јас и Ахмети, и СДСМ и ДУИ, да се согласиме јас да ја водам Владата четири години, а последните сто дена премиер да биде предлог од ДУИ со заедничка согласност. Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивност, дијалог, респектирање на туѓо мислење базирано на аргументи и градење консензулана демократија, наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување. СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат своите изборни платформи во заеднилка четиригодишна владина програма, истакна Заев.
Тој потенцира дека главен фокус ќе биде ставен на јакнење на економскиот стандард, зголемување на платите и пензиите, отворање на нови работни места и привлекување на нови странски инвестиции како и директна поддршка на домашната економија.
Имињата на кандидатите за министри во новата Владата од редовите на ДУИ, ги соопшти партискиот лидер Али Ахмети по вчерашната седница на Централниот совет на партијата, кој најави и дека Талат Џафери го биде реизбран за претседател на Собранието.
Ахмети нагласи дека има многу проекти на кои ќе се посвети новата Влада, чие завршување ќе донесе придобивки за граѓаните, како автопатот Кичево-Охрид, Скопје-Качаник и гасоводот.
– Ова влада ќе го продолжи патот кон европската интеграција и евроатланското партнерство и ќе биде заштитник на Преспанскиот, Договорот за Добрососедство, и Охридскиот мировен договор, но и ќе спроведе ветинг во политиката и судството, и ќе се фокусира на економскиот развој, рече Ахмети.
Пред седницата на ЦО на СДСМ, Заев и партискиот генерален секретар Љупчо Николовски имаа средба со лидерите и претставниците на партиите од коалицијата „Можеме“, кои му дадоа целосна поддршка на договорот за коалицирање со ДУИ, како и на вредностите и принципите кои произлегуваат од него во насока на брза трансформација на државата.
Пред присутните, како што соопшти СДСМ, Заев ги претстави главните приоритети на новата Влада за следниот четиригодишен мандат. Тој рече дека квалитетни, чесни, и одговорни кадри ќе бидат предложени од сите политички субјекти во коалицијата „Можеме“, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи на новата влада.
Според СДСМ, коалицискиот договор со ДУИ е втемелен на силни принципи и поделба на одговорности во новата Влада предводена од Заев, која во полн, четиригодишен мандат ќе испорача резултати пред граѓаните, ќе бидат предложени квалитетни, чесни, одговорни и отчетни кадри за сите ресори, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи коалицискиот договор.
– Силна определба на коалициските партнери е да се јакне економскиот стандард на сите граѓани, платите да продолжат да растат, да се вложува во нови работни места, да се дава поддршка на домашниот приватен сектор и да се продолжи со привлекување на странски инвестиции. Посветени сме на неселективна борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа. Целосно сме согласни да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, низ систем што заеднички ќе биде договорен и кој ќе ги земе предвид најдобрите европски пракси, информира СДСМ.
Според СДСМ, новата влада ќе биде определена за борбата со коронавирусот, сериозно посветена на спроведување на сите реформи потребни за членство во Европската Унија, активно ќе работи на намалување на обемот на администрацијата.
– За две и пол години покажавме дека знаеме и умееме да ги решаваме големите отворени прашања, но и ги унапредиме условите за живот дома, да обезбедиме повеќе пари кај сите граѓани. Тоа ќе продолжиме да го правиме уште повеќе и уште подобро. Во следните 4 години ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро да работиме за нашите сограѓани, за нашата татковина, додаваат од СДСМ.
Формирањето на новото парламентрано мнозинство го поздавија Партијата на европските социјалисти (ПЕС), која оцени дека ово е одличен момент за Северна Македонија
– Под постојаното раководство на Зоран Заев, земјата сега може да продолжи по својот демократски, европски пат. Го поздравуваме постигнатиот договор и се надеваме дека ќе биде брзо спроведен, така што новата влада предводена од Зоран Заев може да биде одобрена од парламентот и ќе може да почене со работа. СДСМ и Зоран Заев, беа движечката сила зад позитивните промени во Северна Македонија, оцени претседателот на ПЕС Сергеј Станишев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, со новата влада европската иднина на државата ќе остане далечна, исто како и правдата за оние кои се огрешиле кон законот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека договорот за новата владина коалиција е „договор за продолжување на криминалот, лагите и корупцијата“.
Мицкоски во објава на неговиот Фејсбук профил оцени дека следува период каде нема да видиме реформи, ќе има кратења, поскап живот и ценовни шокови.
– Добиваме Влада без кредибилитет и без европска иднина. Македонија има многу проблеми и еден извор на тие проблеми, тоа е оваа антиреформска коалиција за заштита на криминалот, корупцијата, срамот и понижувањата. Ова е влада без кредибилитет, овој пат со пократок рок од претходниот мандат, смета Мицкоски.
Со сличне став излегоа и лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, според кои идната влада ќе трае многу кратко, поради тоа што, според нив, го нема основниот столб – легитимитетот.
– На таа влада ќе и фали тој столб – легитимитет и ние ќе бидеме тука како коалиција да се бориме против тоа, затоа што оваа влада, со една или две стаклени нозе ќе стои и ние сме убедени дека нема да може да опстои многу долго, изјави Гаши, најавувајќи секој ден ќе се борат со демократски средства, за што побргу да ја срушат оваа влада на легитимен и на легален начин.
Села, пак нагласи дека на новата влада нема да им биде лесно. – Нека им биде јасно, ќе имаат голем противник, да знаат дека спремни сме да им возвратиме по исти мерки како што и тие се однесуваат, а ќе има и резистенција од нашата коалиција заедно со граѓаните, заедно со Албанците, рече Села.