Претседателите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, денеска на прес-конференција пред Парламентот нагласија дека траењето на идната влада ќе биде многу кратко поради тоа што, како што истакнаа, го нема основниот столб – легитимитетот.
– Идната Влада формирана со ДУИ ќе го нема основниот столб, а тоа е легитимитетот. На таа влада заснована на манипулации, лажење, на купување, на заробена држава ќе и фали тој столб легитимитет и ние ќе бидеме тука како коалиција да се бориме против тоа, затоа што оваа влада, со една или две стаклени нозе ќе стои и ние сме убедени дека нема да може да опстои многу долго, рече Гаши.
Нагласи дека секој ден ќе се борат со демократски средства, оваа влада да ја срушат што побргу на легитимен и на легален начин.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Села, рече дека нивниот опонент ДУИ го нема тој легитимитет, бидејќи, како што посочи, „ја злоупотребија, ја украдоа, ја купија со пари волјата на граѓаните“.
– ДУИ може ќе биде дел од власта, но тоа ќе значи дека Албанците уште повеќе ќе бидат заробени и ислашени. За што служи демократијата кога не им даваш слобода на тие кои те имаат гласано. Нема да им биде лесно. Нека им биде јасно, ќе имаат голем противник, да знаат дека спремни сме да им возвратиме по исти мерки како што и тие се однесуваат, а ќе има и резистенција од нашата коалиција заедно со граѓаните, заедно со Албанците, рече Села.
Прашан дали размислуваат за напуштање на Собранието, Села кажа дека нема таква одлука. Одлуките, како што посочи, ќе ги носат заедно како Коалиција и кога ќе имаат нешто конкретно за тоа ќе бидат информирани сите граѓани.