МВР: Од македонска страна на границата не се поставува ограда

Поставувањето жичана ограда е на територијата на Република Србија, не и на територијата на нашата држава, информираа за МИА од МВР, откако беше објавено дека на границата на Србија со Северна Македонија кај Прешево, почнало поставување жичана ограда, која би требало да оневозможи евентуални масовни илегални преминувања.

Од МВР за ова прашање за повеќе информации упатуваат на Амбасадата на Република Србија во нашата држава.

Инаку, Радио Слободна Европа објави за поставувањето жичана ограда на границата, повикувајќи се на информации од локалната самоуправа во Прешево.

Шчиприм Арифи, претседател на општина Прешево, за РСЕ изјавил дека изградбата на жичана ограда е дел од договорот со ЕУ.

– Мислиме дека оградата е во функција на дополнително осигурување на границите на земјите надвор од ЕУ од бегалците, кои евентуално повторно би тргнале масовно по т.н. Балканска рута, вели Арифи.

Тој смета, гледано од тој аспект, дека оградата индиректно придонесува во процесот на евроинтеграција, но со целосно разбирање и почитување на политичките околности.

– Лично имам сериозно резерви кон таквиот третман на бегалците, рекол Арифи.

РСЕ наведува дека побарале, но не добиле одговор од Европската комисија на прашањето дали се запознаени или консултирани за подигнувањето ограда помеѓу Србија и Северна Македонија.

Повеќе информации засега не откриват ниту од Владата на Србија.