„Идентитети“ на Расима Расимкин и „Скопје танцов театар“ вечер на „Охридско лето“

Четиринаесеттиот ден на програмата на „Охридско лето“ е резервиран за „Скопје танц театар“ и  перформансот „Идентитети – историја на еден растегнат сон“ на сцената на Предворјето на „Света Софија“ од 21 часот, по повод 30-годишнината од кореографското творештво на Рисима Рисимкин.

Танцови солисти на вечерта посветена на Расимкин ќе бидат Андријана Данчевска во улогата на фатална жена, Мими Поп-Алексова како божица, Анастасија Данчевска – лебед, Дејан Битровски – мистик, Валентино Апостоловски како човекот, антихеројот Бобан Русески и Исидора Краљевска како „Bombshell“.

Со претставата „Идентитети“,  која беше изведена на 15-тиот „Танц фест“  во 2019 година, Рисимкин е поканета да гостува во еден од најпрестижните светски театари за современ танц, Националниот театар „Шајо“ во Париз, што е прво гостување на современ кореограф од нашата земја,  но и од целиот регион.

Рисима Рисимкин е еднa од водечките македонски кореографки и уметничка директорка на „Танц фест“ Скопје и „Скопје танцовиот театар“, првата официјална компанија за современ танц во земјата. Таа е основач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, што произлегува од нејзината соработка со една од најдобрите светски академии за современ танц – Ротердамската академија за современ танц, дел од универзитетот КОДАРТС во Холандија. Оваа високообразовна програма започнува со работа во земјава во 2010 година, а од 2017 година е во рамките на УГД, како единствена академија за создавање современи танчари, не само во нашата земја туку и во целиот регион.

Како професор за современ танц, импровизација и композиција и кореографија, Рисимкин предава на Универзитетот „Антон Брукнер“ од Линц, Австрија (2019), Универзитетот „Минзу“ и Пекингшката академија за современ танц во Пекинг, Кина. Академијата за изведувачки уметности во Братислава, „Holland Dance Festival“, Хаг, Холандија (2018) и на Бродвеј, Њујорк (2018), предава на Летениот камп за современ танц во Кина во 2015 и во 2016 година.

Рисимкин е автор на повеќе трудови за современиот танц и теорија на танцот: „Компаративна поетика на современите танцови стилови во Европа – 20 век“ , докторски труд „Историја на современиот танц – 20 век“, „Теорија на танцот“. Таа е уредник на повеќе книги за танц, како: „Волшебниот свет на танцот“, „На крилјата на танцот“, „Патот на промените“, „Скопје танцова академија“, „Нов танцов театар“ а преку Интерарт центарот, се јавува како издавач на книгата поддржана од УНЕСКО „Уметноста на танцот“.

Во периодот од 2005 до 2013 година, Рисимкин е член на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО (Интернационален совет за танц, под покровителство на УНЕСКО) во Париз, Франција, во два последователни мандата. Во сезоната 2012-2013 е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција.

Основач е на Интерарткултурниот центар (1996) преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Се вбројуваме меѓу најплодните современи македонски кореографи, како авангарден претставник во современото творење. Ја претставува активно Северна Македонија на меѓународната современа танцова сцена со свои претстави, за кои добива одлични критики. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Награда за исклучителен придонес за развој на културата во Република Северна Македонија.

Рисима Рисимкин се претставува како кореограф во Данска, Германија, Грција, Португалија, Нигерија, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Велика Британија, Холандија, Кина, Словенија и САД.

„Скопје танцов театар“ е основан во 2011 ггодина како прва компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет активно работи на создавање, промоција и презентација на современа танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на театарот промовира нова естетика и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц.

„Скопје танцов театар“ има повеќе целовечерни продукции, како „Меѓусвет“, „Орландо“, „Човек во ходникот“, „ХОТ“, „Потрага“, серијата претстави под име: „ИМПУЛС“, потоа „О!(тело), „СМС (сите мои слики), „Блесок“; „Патот“, „Кожа“, „Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“… На неговиот репертоар, покрај делата на Рисимкин, се изведуваат короеграфии на Џенис Бренар и Шон Скантелбјури, Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент, Катцура Кан, Антон Рудаков, Антонело Тудиско…