„Газета експрес“: Членови на Алијансата за Албанците ќе формираат Самоопределување во Северна Македонија

Неколку поддржувачи на Алијансата за Албанците (АА) ќе ја реализираат идејата на лидерот на донеодамна владејачката партија во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти за проширување на тој политички субјект и во Северна Македонија, тврди приштинскиот портал „Газета експрес“.

Според порталот, лицето кое ќе ги започне активностите за формирање на ВВ во Северна Македонија е професорот и политички аналитичар Арсим Синани, а меѓу иницијаторите се споменува и Беким Ќоку, некогашен пратеник на Демократската партија на Албанците (ДПА), а сега член на АА на Зијадин Сеља.

ВВ има свој огранок во Албанија, а најавата дека ќе се шири и во Северна Македонија, на собирот на 12 јуни во центарот на косовскиот главен град по повод 21-годишнината од ослободувањето на земјата и 15-годишнината од основањето на партијата, ја објави нејзиниот лидер Курти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, доскорешниот косовски премиер пред неколку илјади поддржувачи, порача дека „ВВ ги освои срцата на сите Албанци“ и дека „Самоопределување ќе има и во Албанија, во Северна Македонија, во дијаспората и насекаде“.

Во првичните реакции на таа најава, Демократската унија за интеграција порача дека „политичката сцена во земјава е отворена, но гласот на Албанците и онака е доста расцепкан и нивното доаѓање ќе го расцепка уште повеќе“. Од Движењето Беса изјавија дека немаат информации за таква иницијатива, но оти е „сечие легитимно и демократско право да се натпреварува на избори“. Партијата на Села, која самиот Курти лично ја поддржа на последните парламентарни избори во земјава, повикувајќи ги Албанците да гласаат за неа, тогаш ширењето на ВВ го оцени како „добра вест“и му посака добредојде во Северна Македонија.